Градот конечно потпиша договор за изградба на нов мост на Вардар и тунели под Кале

194

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, претседателот на одборот на директори на компанијата „Мега инженеринг консалтинг АД“, Ајкут Јилдирим и претставникот на Групата на понудувачи – Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии Скопје АД, Борис Танески, денеска го потпишаа договорот за изработка на проект за изградба на мост во центарот на градот, тунели под скопското Кале и кружен тек што ќе ги поврзува булевар Свети Климент Охридски со булеварите Никола Карев и Македонско-Косовска бригада.

– Согласно со договорот, изработката на основниот и инфраструктурниот проект очекуваме да заврши до крајот на оваа година, со што се создаваат услови во текот на следната година, по завршувањето на постапка за избор на понудувач, да се почне и реализацијата на овој клучен сообраќаен проект. Со ова сообраќајно решение на граѓаните на Скопје ќе им биде овозможено од Водњанска до Чаир со автомобил да стигнат за помалку од 5 минути. Со постојната сообраќајна инфраструктура за оваа релација мораа да потрошат во најдобар случај помеѓу 15 и 20 минути движејќи се преку раскрсницата кај Мавровка и Бит-пазар, каде што според нашите податоци дневно поминуваат меѓу 70.000 и 80.000 возила – изјави Шилегов.

Тој истакна дека очекува за реализацијата на овој проект Градот Скопје да добие и финансиска поддршка од централната власт, со цел изградбата на мостот, тунелите и кружниот тек да завршат во најкраток можен рок.

– Со ваквите сообраќајни решенија ја зголемуваме мобилноста и го намалуваме сообраќајниот метеж, а со тоа и го скратуваме времето на движење на возилата и го намалуваме времето на стоење во место, што директно влијае на намалувањето на аерозагадувањето и зголемувањето на безбедноста во сообраќајот. Скопје заслужува вакви модерни сообраќајни решенија, а оваа градска администрација може и мора да им го обезбеди тоа на граѓаните – додаде Шилегов.