Годинава до врвот повеќе патници од лани

67
И возрасни и деца ја сакаат жичницата Фото: Игор Бансколиев

Бројот на корисници на жичницата на Водно во првото полугодие e за 38.940 патници поголем годинава во однос на истиот период лани, според продадените билети. Ако минатата година за период од шест месеци, од јануари до јуни, биле продадени 132.035 билети, годинава во првите шест месеци со жичницата со купен билет биле превезени 170.975 патници. Остварениот приход за првата половина од 2018 година е 5.819.000 денари, додека, пак, за оваа година за првите шест месеци 7.528.000 денари или 1.709.000 денари повеќе од минатата година. Ова го покажува и го потврдува последниот извештај за остварените резултати од работењето на ЈСП со жичницата, за периодот од јануари до јуни годинава.

Во него не се споменува бројот на превезени патници што имаат право на бесплатно користење на жичницата во одредени денови од неделата. Според овој документ на ЈСП, во Скопје лани во првите шест месеци се продале 83.884 билети за возрасни, додека, пак, годинава билет за жичница купиле дури 113.360 возрасни лица. Но сите што отишле на Водно не ја користеле жичницата во двата правца. Во 2018 година, 24.533 патници користеле билет за враќање или популарно наречен повратен билет од Средно Водно до милениумскиот крст и назад, додека во 2019 г. до јуни, повратен билет искористиле 33.591 патник. Билет во еден правец од Средно Водно до милениумскиот крст лани купиле 16.735, а годинава, пак, 20.973 патници.

Имало и посетители на планината што се искачиле до милениумскиот крст без да ја користат жичницата, но од крстот до Средно Водно во 2018 година за повратен билет платиле 7.798 патници, а годинава можноста со платен билет да се вратат со жичницата ја искористиле 12.618 лица. За децата лани во периодот од јануари до јуни биле купени 10.508 билети, додека, пак, за истиот период годинава имало 13.930 деца патници. И децата и возрасните организирани во групи го посетувале Водно и ја користеле жичницата, но годинава за едно полугодие имало помалку патници од лани. Во 2018 година групен билет искористиле 3.416 деца, додека годинава 1.898 деца. Во истава оваа категорија лани групен билет купиле 7.804 возрасни, додека годинава во првото полугодие само 6.096 возрасни граѓани.