Габична инфекција исуши дел од јапонските цреши на Максим Горки

229

Децениската урбанизација на Скопје, големиот број нови згради и константното заменување на зеленилото со бетонски конструкции е тренд на кој се навикнаа жителите на главниот град. Парковите и дрвјата сè помалку ги гледаме, а за старото зеленило навистина малку се води сериозна грижа. Меѓу зградите и сообраќајниот метеж со своите природни убавини пленат дрворедите со јапонски цреши на улицата Максим Горки во општината Центар. За жал, некои од прекрасните дрвја што во пролет создаваат една прекрасна атмосфера во овој дел од градот се исушени и повеќе не цветаат.

Јапонските цреши се атрактивни и популарни поради своите цветови и убавата розова боја, која тие ја имаат кога цветаат во пролетниот период. Се смета дека јапонската цреша е релативно чувствително дрвце, кое е лесно подложно на инфекции и со краток животен рок. На повеќе локации во светот, но и во Скопје, поради ефектот што го постигнуваат при цветањето се насадени во јавни паркови и во урбани средини. Како што информираат од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, јапонските цреши на Максим Горки во Центар првично се насадени уште во 2000 година и тие пред повеќе години замениле неколку од исушените дрвја со нови садници. При првото заменување се смета дека сушењето на дрвцата е предизвикано од исфрлањето хемикалии и средства за чистење од околните угостителски објекти и продавници.

За овие дрвја е надлежна општината Центар, од каде што нѐ информираа дека пред 4 години се насадени нови јапонски цреши на улицата Максим Горки, од кои сега седум се целосно исушени, додека уште пет или шест се во фаза на сушење. Причината за оваа појава е габична инфекција на растенијата, која тешко се забележува и препознава, па е невозможно црешите да се третираат. Општината Центар веќе има решение за отстранување на исушените дрвја и се очекува во следниот период да се реализира овој чекор, а постои и план за садење нови дрвца од овој вид, но наесен, бидејќи тогаш се најпогодни условите за адаптација на дрвцата.
Но габичните и бактериските инфекции не се единствените причини за уништувањето на зеленилото во урбаните средини. Ниската свест на граѓаните и целосното непочитување на природата, константното уништување на системите за наводнување, па дури и крадењето одредени садници е константен проблем на кој треба да се обрне внимание, а го акцентираат од „Паркови и зеленило“.

Улицата Максим Горки и реонот наоколу стана препознатлив дел од градот, токму поради јапонските цреши и атмосферата што ја создаваат во времето кога цутат.
Навистина би било штета поради некои несовесни граѓани или поради несоодветна грижа за дрвцата да се загуби шармот што го поседува оваа улица и скопјани да немаат можност во урбаната џунгла да уживаат во мирисите и боите на јапонските цреши. П.С.