Во Чаир се градат нови пешачки патеки

384

Општината Чаир започна со изградба на пешачки патеки на повеќе локации, а во населбата Топанско Поле изгради паркинг за околу триесет возила. Како што велат од општината, граѓаните имаа потреба од инфраструктурно уредување на одредени делови, но и потреба од нови паркиралишта.

Во делот на Стар Чаир, на улицата Вуковарска, се гради пешачка патека од павер-елементи, која ги поврзува зградите со делот што води кон зелениот пазар на Чаир. Овој простор претходно беше земјен пат, кој во дождливите и зимски денови се претвораше во каллива патека или лизгав премин од едниот во другиот дел на населбата. Надлежните од Чаир планираат вакви патеки од павер-елементи да изградат и на други локации, кои ќе станат урбан дел за премин на граѓаните од едниот до другиот дел помеѓу станбените згради, особено патеки во новоизградените паркови, за да не се поминува преку тревниците.

На улицата, пак, Методија Митевски број 9, во населбата Топанско Поле, изградени се исто така нови пешачки патеки од павер-елементи, а истовремено и нова паркинг-зона. На граѓаните од оваа населба им недостигаа места за паркирање, бидејќи во овој дел не можат да ги оставаат своите возила на претесната сообраќајница по која поминуваат автобусите на линијата со бројот „9“. На оваа улица и онака едвај може да се разминат два автобуса.