Во Карпош креативни столпчиња за поголема безбедност на децата

843

Општина Карпош деновиве постави заштитни столпчиња пред неколку основни училишта во Карпош, за дополнително да ја зголеми безбедноста за учениците пред воспитно-образовните установи. Заштитните столпчиња се во форма на човечиња и како нов тип сигнализација беа поставени пред училиштата „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4, од влезот на улицата Разловечко востание и од пристапот на улицата Трифун Бузев, потоа пред ООУ „Владо Тасевски“ во Козле, на улицата Јуриј Гагарин, како и пред ООУ „Војдан Чернодрински“ во населбата Владо Тасевски, на улицата Дрезденска.

– Столпчињата треба да ги предупредат учесниците во сообраќајот да ја намалат брзината на движење и да обрнат поголемо внимание кога се движат во близина на училишта. Локалната самоуправа ќе постави вакви заштитни столпчиња и пред другите училишта. Општината го подигна нивото на безбедност пред образовните установи поставувајќи и обични интелигентни „лежечки полицајци“ и метални бариери. Од минатата учебна година, во сите основни училишта беше ангажиран дел од кадарот, со помош на сообраќаен знак, да го регулира сообраќајот на локалните улици пред почетокот и на крајот на наставата – образложуваат од Општина Карпош.