Во законските измени за справување со кучињата ќе се вклучат и граѓаните

258

Владата донесе одлука за носење законски измени за справувањето со кучињата скитници.

Како што ни рече вчера владиниот портпарол Миле Бошњаковски, законските измени ќе се подготват откако ќе се сретнат, разговараат и формираат работни групи претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со граѓанските организации што работат на полето на заштита на животните, потоа со Агенцијата за храна и ветеринарство и надлежните институции, за да почнат со подготовка на законските измени што ќе се предложат за решавање на проблемите со кучињата скитници и како со овој проблем да се справат општините.

Откако се случи трагедијата во Гостивар, кога седумнаесетгодишната Џејха Меџити беше најдена удавена во водите на Вардар, според очевидци бегајќи од куче скитник, јавноста се крена на нозе, по што и премиерот Зоран Заев завчера даде изјава.

– Законите што ги имаме се комплицирани и со европски стандарди како се обезбедува згрижување на бездомните кучиња, што многу тешко може да го постигнат општините. Размислуваме за промена на легислативата за пофлексибилен начин, кој ќе ги почитува меѓународните стандарди за заштита на животот на животните, а Република Македонија ќе може да го спроведе – рече премиерот Заев.