Воздржете се од полнење базени

967
Фото: Маја Јаневска-Илиева

„ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА“ СО АПЕЛ

Актуелната состојба со коронавирусот, затворањето на границите и немањето можност за заминување на одмор во прекуграничните туристички дестинации ги принудија граѓаните горештините да ги ублажуваат во своите домови, купувајќи базени и разладувајќи се на традиционалниот начин со наводнување и миење на дворовите.
Речиси нема дом во метрополата во кој нема базен, насекаде се слуша детски џагор од задоволството предизвикано од капењето во детските базени, а на социјалните мрежи врие од фотографии од граѓани што се капат во базени во своите дворови.
Некои граѓани одличија летото да го поминат дома, поради големиот метеж низ туристичките места во земјава, па затоа и инвестирале во базени, за да можат да се разладат од високите температури.

– Јас сум дома со децата. Не заминавме на одмор во нашите туристички места за да се заштитиме од коронавирусот, бидејќи навистина се плашиме и сакаме да избегнеме метежи. На жешково нема каде да шетаме, навистина е премногу топло, па со сопругот одлучивме да инвестираме во базен, во кој децата, па и ние ќе се разладуваме. Меѓутоа редовно го полниме со чиста вода, бидејќи сепак станува збор за простор од три метри во кој лесно се валка водата – вели Елена Х., жителка на скопски Бутел.
Токму таквиот пристап на граѓаните ги принуди надлежните да апелираат до населението на рационално и внимателно користење на водата.

– Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ апелира до граѓаните на градот Скопје за сериозен пристап кон рационалното користење и употреба на водата. Последиците од климатските промени стануваат дел од нашето секојдневие. Високите температури, кои достигнуваат и до 40 степени, придонесуваат за енормно зголемување на потрошувачката на водата и намалена штедрост на изворот Рашче – информираат од претпријатието.

Оттаму истакнуваат граѓаните да се воздржат од полнење базени, наводнување поголеми зелени површини, полевање ниви и бавчи со водата од градскиот водоснабдителен систем, со единствена цел нормално водоснабдување во секој дел од градот Скопје.

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ги повикува сите граѓани што имаат информација за злоупотреба на водоводниот систем преку диви приклучоци да пријават во Дежурно-информативниот центар (02 3073 010), Дирекцијата (02 3240 300) или на [email protected]; -www.vodovod-skopje.com.mk и на www.facebook.com/jpvodovod.skopje – велат од јавното претпријатие.