Возачи од јавниот градски превоз пуштаат гласна музика, пушат и зборуваат на мобилен

399
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иако подолг период јавното сообраќајно претпријатие се обидува да го подигне квалитетот на услугите и на однесувањето на своите вработени кон патниците, понекогаш се случуваат различни ситуации на кои се жалат граѓаните. Од ЈСП тврдат дека некои од поплаките се издржани, односно оправдани, а понекогаш имаа и паушални оцени. Од претпријатието признаваат и велат жалби и поплаки до ЈСП „Скопје“ стигнуваат речиси секојдневно, и тоа од секаков вид. Корисниците на јавниот превоз најчесто се жалат на возачите и на контролорите, а регистрирани се и поплаки од вработени во билетарниците. Патници се жалат на пребрзо возење, на незастанување на утврдените станици, има поплаки за одредени возачи дека пуштаат гласна музика, дека возат а истовремено зборуваат на мобилен телефон, за наводна селекција на патници од страна на контролорите.

Она што го забележуваат оние што секојдневно го користат јавниот градски превоз е дека сѐ уште има возачи во приватните автобуси што пушат цигари. Има и такви што на овие високи температури бидејќи немаат клими во возилата, наместо уредно облечени, зад воланот да седат со долна маица и со крпа на вратот. Други, пак, возат и на цела релација разговараат со некој пријател или на мобилен телефон. Корисниците на јавниот градски превоз треба да знаат дека ваквите непримерни возачи можат да бидат казнети доколку нивното однесување се потврди со вистинити докази.

– Се случи на 24 август, се возев во приватен автобус и забележав два-тринаесетгодишно дете што стои покрај возачот и со него гласно зборува и ги вознемирува сите патници. На еден од семафорите, кога се вклучи зелено за да тргне колоната од возила пред автобусот, детето подаде рака кон воланот, силно притисна на сирената, за да им укаже на „подзаспаните“ возачи во колоната пред автобусот дека се вклучило зеленото светло. Беше очигледно дека од силното свирење се вознемирија дури и пешаците што минуваа лево и десно по тротоарот на коловозот на улицата Втора македонска бригада. Ми се случи по многу време да забележам како во приватна деветка возачот запали цигара и дури го прекорив што би било ако и ние патниците запалиме цигари, но тој воопшто не реагираше и уживаше во чадот од цигарата. Се прашував како тоа никој не го санкционира и дали воопшто може да се казнат ваквите возачи, кому треба да му се пријават – сведочи скопјанката Марија С.
Од јавното сообраќајно претпријатие тврдат дека досега кај нив никој не се пожалил за пушење во автобус од страна на возачот, независно дали станува збор за возило на ЈСП или во некој од автобусите на приватните превозници.

– За жалби или поплаки за приватните превозници, во зависност од видот на поплаката, реагира ЈСП или, пак, ЈСП го препраќа случајот до соодветниот приватен превозник. За да утврдат соодветните служби во ЈСП „Скопје“ несоодветен однос на некој од вработените, неопходни се докази, за да се препрати случајот на разгледување, односно против сторителот да се преземат соодветни мерки. Во согласност со соодветните закони и правила за работа, во случај на нивно непочитување, се поведува дисциплинска постапка, а видот и висината на казната (доколку е парична) зависат од тежината на прекршокот.

За да се реагира во најбрз можен рок, неопходно е да се достави опис на случајот: ден, време, број на линија, број на возило или регистарска табличка. Во случај на поплака за контролор, се доставува бројот на легитимацијата на контролорот, која неопходно ја поседува секој од нив. Во одредени случаи како доказ може да се достави и фотографија, на пример доколку возач вози и зборува на мобилен телефон или пуши – објаснуваат од ЈСП „Скопје“.

Од претпријатието велат дека секој што сака да се пожали може да достави конкретни податоци за случајот до неколку адреси. Поплаките, односно жалбите можат да се испратат исклучиво во инбокс на фејсбук-страницата на ЈСП, www.facebook/jspskopje, или во делот на прашања/одговори/поплаки на веб-страницата на ЈСП www.jsp.com.mk.

– Одговорно тврдиме дека сите издржани жалби или поплаки со комплетно доставени информации се проследуваат до соодветните служби и се постапува спрема истите тие.
Сакаме да напоменеме и дека не одговараме на прозивки и коментари на социјалните мрежи, како и на жалби и поплаки со навредлива содржина. Овие можности се една од новините на актуелното раководство за директна комуникација со корисниците на јавниот превоз, со единствена цел, подобрување на квалитетот на превозот – дообјаснуваат од ЈСП.


Само во август 27 контролори пријавени за недолично однесување

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, соопшти дека во текот на овој месец се добиени 27 пријави од граѓани за недолично однесување на контролорите во ЈСП „Скопје“. Во пет случаи биле констатирани неправилно однесување и преземање дејства од контролорите, а во 22 било утврдено неправилно однесување на граѓаните. Последниот инцидент се случи завчера, кога контролор на ЈСП со тупаница удрил момче во автобус со бројот „15“.