„Водовод и канализација“ со веб-услуга за брзо плаќање сметки

179

„Плати брзо“ е новата веб-услуга што ја воведе јавното претпријатие „Водовод и канализација“ за електронско плаќање на сметките за вода. Преку неа претпријатието на своите корисниците им овозможува онлајн-плаќање на фактурите без да биде потребно да се регистрираат во системот „Мој водовод“.

– На електронскиот сервис „Плати брзо“ со внесување на фолио-бројот од фактурата корисниците на услугата можат да извршат плаќање со кредитна или со дебитна картичка без провизија, а тоа претставува одлична можност особено за оние корисници што патуваат често или живеат во странство, а ги користат нашите услуги. Со оваа нова услуга нашите корисници ќе заштедат време и пари – соопштуваат од ЈП „Водовод и канализација“.

Од претпријатието појаснуваат дека дополнително на електронскиот систем ги овозможуваат сите шалтерски услуги како, почнување процедура за ажурирање на личните податоци на корисникот, преглед на неговиот долг, плаќање сметки или рати со која било картичка Виза, Маестро или Мастеркард издадена од домашна или од странска банка. Исто така, корисниците имаат можност да ја ажурираат состојбата на потрошувачка на вода од водомерот на корисникот, да пријават дефект и имаат можност да побараат електронска достава на месечна фактура или да побараат целосно да им биде исклучена печатената достава на сметки. Од „Водовод и канализација“ порачуваат корисниците првото плаќање преку новата услуга да го направат преку нивниот линк https://e.vodovod-skopje.com.mk/InstantPayment.aspx..