Внимателно со електронскиот отпад

429
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Граѓаните треба да внимаваат каде го фрлаат електричниот и електронскиот отпад, затоа што тој може да содржи опасни отровни или канцерогени супстанции

Неодамна општината Центар почна да поставува нови е-контејнери и со тоа им овозможи на своите жители на соодветно место да го фрлаат електричниот и електронскиот отпад, кој не смее да завршува каде било. Со ваквиот потег би требало еколошката свест да се издигне на повисоко ниво од она што постои реално во нашата земја, генерално во сите општини. Затоа ваквите иницијативи што промовираат селекција на отпад се добри и може да ја подобрат сегашната состојба, кога таквиот отпад се фрла на различни места. Електричниот и електронскиот отпад имаат карактер на опасен отпад и, според законот, не може да се мешаат со други типови отпад.

Од градот Скопје кажуваат дека електронскиот отпад се третира на посебен начин, во согласност со Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпад на електрична и електронска опрема, која може да ја вршат само посебно лиценцирани компании.

– Ние заедно со јавното претпријатие „Комунална хигиена“ го организираме собирањето на комуналниот отпад во градот. Покрај овој вид отпад, граѓаните имаат потреба за фрлање и кабест вид отпад (стара електроника, телевизори, мебел), но нивното фрлање во контејнерите за одлагање комунален отпад предизвикува тешкотии и штета како на садовите така и на комуналните возила. За таа цел, „Комунална хигиена“ организира собирање на кабестиот отпад во сите општини во Скопје на посебно одредени пунктови во одредени денови, каде што граѓаните можат да го остават својот отпад и тој да биде собран без финансиски надомест.

Електронскиот отпад (во рамките на собраниот кабест отпад) потоа се носи до рециклажните центри, во Карпош и Вардариште, по што го земаат лиценцираните компании и го третираат – велат од градот Скопје.

Според Законот за управување со отпадна електрична и електронска опрема, има неколку категории електрична и електронска опрема, како големи домашни апарати, мали домашни апарати, опрема за информатичка технологија и телекомуникација, опрема за широка потрошувачка и забавна електроника, опрема за осветлување, електрични и електронски играчки и опрема за забава и спорт, медицински апарати, инструменти за следење и контрола и автомати. На пример, неупотреблив лаптоп или полнач за телефон претставува опрема за информатичка технологија и телекомуникација, додека, пак, електричните шпорети и микробрановите печки спаѓаат во мали и големи домашни апарати.

Кај нас постојат лиценцирани компании што обработуваат ваков вид на отпад. Таму го расклопуваат отпадот што вообичаено содржи метали, но и скапоцени или ретки метали што можат повторно да се употребат во електричните уреди, додека пластичните материјали се вадат и дробат и се препраќаат во Бугарија за преработување. Треба да се напомене дека Законот за отпад од електрични и електронски уреди наведува на фирмите што ги пуштаат во производство ваквите уреди дека имаат одговорност и да соберат дел од ЕЕ-отпадот што се создава. Затоа често може да се забележи во продажните салони како има канти за одлагање батерии, стари мобилни телефони или други стари или неупотребливи електрични и електронски уреди.

Од „Екосвест“ велат дека електричниот и електронскиот отпад содржи отровни и многу често канцерогени супстанции, па поради тоа е многу опасен за човековото здравје, за животната средина и за нашата планета.