Внимание, куче во автомобилот

338
Mожат да се превезуваат животни, само во посебно изработени заштитни кутии

Возачот не е безбеден додека кучето слободно се движи во автомобилот, а тоа ги вознемирува и другите учесници во сообраќајот. Што ако ненадејно му скокне на газдата во скутот за да биде поблиску до него?

Според законот, животните може да се превезуваат само во посебно изработени заштитни кутии. Казната за несоодветно превезување миленици е 35 евра во денарска противвредност

Колку пати сме виделе како од некој автомобил ѕирка куче што се превезува со својот сопственик. Она што исто така се забележува е дека кучето шета слободно во автомобилот. Скопјанец неодамна кажува дека додека возел забележал автомобил пред себе, во кој големо куче постојано шетало на задните седишта и преминувало од едната на другата страна. Тоа го вознемирило и постојано морал да внимава на возилото пред себе. Се плашел дека можеби во еден миг кучето ќе скокне на предните седишта или можеби кај својот сопственик, па тој можеби нагло ќе закочи.
– Токму поради тоа постојано додека возев бев напнат и на штрек дека можеби од ненадејната ситуација што ќе се случи јас ќе морам брзо да изреагирам за да не дојде до несакани последици. Тоа навистина ме направи нервозен и се запрашав дали е дозволено некој на ваков начин да го превезува својот миленик, без да го врзе или, можеби, да го стави во нешто на задните седишта. Не знам како возачот се чувствуваше безбеден додека возеше. Што ако ненадејно кучето му скокнеше в скут за да биде поблизу до него – прашува овој скопјанец.

Имало и примери кога големи кучиња со подадена глава и со предните шепи ставени на вратата од автомобилот, чие стакло е спуштено љубопитно, ја разгледуваат околината. Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата точно пропишува како може да се превезуваат миленици. Миленици не смее да се водат додека се вози велосипед или мотоцикл.
Во членот 102 од законот се вели: „Возач на велосипед, на велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, на лесен четирицикл и на четирицикл, за времето додека управува со возилото не смее да води животни. Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност во согласност со одредбите од овој закон, ќе му се издаде на возачот што постапува спротивно на одредбата од ставот 1 на овој член“.

– Според членот 168, пак, во просторот на возилата во кои се врши превоз на лица, не смее истовремено да се превезуваат и животни. По исклучок од ставот 1 на овој член, во патничко возило можат да се превезуваат животни, само во посебно изработени заштитни кутии. Мандатен платен налог со глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 20 негативни бода во согласност со одредбите од овој закон, на возачот што постапува спротивно на одредбите од ставовите 1 и 2 на овој член – се вели во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата – информираат од Министерството за внатрешни работи.

Граѓаните што забележуваат вакви појави, како домашни миленици шетаат низ возилото на својот газда, сметаат дека ова е недозволиво.

– Јас сум љубител на животните, моето куче го возам во автомобил, но мојот миленик почесто го шетам пеш. Милениците се како деца и тие можат да бидат немирни кога се во автомобил, а затоа нели има правила до која возраст и како треба да седат децата на предно или задно седиште. Секако, ние имаме закони и за милениците и само треба да се почитуваат. Ако законодавецот предвидел дека еден миленик може да му го сврти вниманието на возачот, во случајов на својот газда и тоа да доведе до несакани последици, тогаш тоа е така и тука нема што спротивно да се постапува. Добро е што има совесни граѓани што пријавуваат ако забележат ваква појава, но главното прашање е како ќе постапат надлежните – вели Радмила Пановска, активистка за заштита на правата на животните.

А на надлежните, секако, им останува да ги санкционираат ваквите примери, не само за да не се повторат, туку за да не се случат несакани последици.

[email protected]