Бучавата – терор од соседството во нашите домови

499
Исчезнаа правилата на однесување во колективното живеење Фото: Игор Бансколиев

Од бучава што доаѓа од нашите соседи страдаме и ние, но нема некаква подетална анализа, тврдат од Регулаторната комисија за домување, каде што и стигнувале пријави од ваков тип. Доколку не се пријавени на огласната табла на колективната зграда какви било градежни зафати, веселби и други бучни настани, велат дека тогаш не е постапено според она што го предвидува нашиот закон за домување. Бучавата најчесто се пријавува во полиција

Според податоците од Евростат за 2018 година, речиси една петтина или 18,3 отсто од населението во Европската Унија изјавиле дека страдаат од улична бучава и од бучава предизвикана од соседите. Неизненадувачки, овој процент е повеќе од двојно поголем за луѓето што живеат во урбаните средини, односно 24,1 отсто, отколку кај оние во руралните области 11 отсто.
Процентот на луѓе што пријавиле дека имаат проблеми со бучавата во соседството има тенденција да се намали во согласност со бројот на лица во домаќинството. Додека скоро 21,8 отсто од домаќинствата со едно лице тврдат дека биле вознемирени од овој вид бучава, 18,7 отсто се домаќинства со две возрасни лица и само 16,2 отсто од оние домаќинства што се составени од три или повеќе возрасни лица. Слично на тоа, повеќе домаќинства со поголеми деца, кои можат да бидат оставени во домот без родителски надзор, односно 19 отсто изјавиле дека се вознемирени од нивната бучава. Помалку врева или бучава имале оние домаќинства што имаат деца со родителски надзор, 17,2 отсто. Процентот на луѓе што протестираат против бучава е повисок за лица на возраст под 65 години и изнесува 26,6 отсто отколку за лица над 65 години, кој изнесува 15,7 отсто. Од бучава што доаѓа од нашите соседи страдаме и ние, но нема некаква подетална анализа, тврдат од Регулаторната комисија за домување, каде што и стигнувале пријави од ваков тип. Доколку не се пријавени на огласната табла на колективната зграда какви било градежни зафати, веселби и други бучни настани, велат дека тогаш не е постапено според она што го предвидува нашиот закон за домување. Најчесто непријатните соседски бучни активности се пријавуваат во полицијата. Најчести поплаки има од активностите на децата, особено ако играат фудбал во становите или некоја друга бучна игра. Во колективното домување речиси нема некаде да не се случила соседска расправија затоа што некој тинејџер на соседот пуштал прегласна музика или правел забава, кога неговите родители биле отсутни, па имало врева од насобрани млади луѓе.

– Веќе еден месец нашиот нов сосед го реновира станот што го купи на четвртиот кат. Ниту ни најави некакви градежни активности, ниту пак реагира на нашите соседски реакции. Најпрвин секој ден некаде по 18 или 19 часот, почнуваше да вклучува бормашина, во време кога сите одмораме откако сме дошле по работа и веќе сме ручале. Со уште потешки дупчалки за бетон, бидејќи зградата ни е од бетонски елементи, работеше и изминативе празнични денови кога се чекаа гости, се собираа семејствата и не престануваше дури и откако ќе му заѕвони некој на врата. Вели дека одел на работа и штом ќе одморел морал да продолжи со реновирање. Уште никој не го пријавил во полиција, за да не бидеме лоши соседи сите трпиме – се пожали шеесетгодишна скопјанка.

Од Регулаторната комисија за домување велат доколку ваквите настани се случуваат до 16 часот, можат да се пријават до општинските комунални инспектори што се задолжени и за домувањето.

– Има секакви случаи и се пријавуваат кај нас, а понекогаш бараат совет како да постапат, како е законски. Имаме и претставки од граѓани за различни случки.

Инспекцискиот надзор во доменот на домувањето е во надлежност на општинските инспектори за домување. Ние како Регулаторна комисија за домување може само да установиме дека била пријавена бучава, но за тоа станарите мораат да ја известат полицијата. Ако, пак, станува збор за планиран настан, кој предизвикува бучава, тогаш станарот мора да ги извести соседите за тоа истакнувајќи го на огласна табла во влезот на станбената зграда. Кај нас нема некакво истражување околу соседската бучава – вели Ракип Малоски, претседател на Регулаторната комисија за домување.


Четвртина од населението во ЕУ загрозено од бучава

Според Евростат, во 2018 година во ЕУ, над една четвртина од населението се изјаснило дека има проблеми со бучава од соседите или со улична бучава, во Малта – 28,2 отсто, Германија – 27,8 отсто и во Холандија – 27,1 отсто. Следни на ранг-листата биле оние што живеат во Португалија – 23,0 отсто, Романија – 20,1 отсто, Велика Британија – 19,8 отсто, Кипар – 19 отсто, Грција и Луксембург -19,3 отсто. На спротивниот крај на скалата, најмал процент е забележан во Хрватска – 8 отсто, пред Унгарија – 8,5 отсто, Естонија – 8,6 отсто, Ирска – 9,4 отсто и во Бугарија – 9,4 отсто.