Брзо пазарење, полна торба и понекој прехранбен производ со поминат рок

223
Граѓаните често само земаат производи од рафтовите, а не гледаат рокови Фото: Игор Бансколиев

Голем дел од граѓаните оптоварени со секојдневните проблеми, преморени од извршувањето на работните обврски до доцна попладне, на крајот од денот купувањето намирници го сведуваат на секојдневна навика што ја извршуваат по автоматизам и без многу размислување. При ваквото секојдневно брзо пазарење занемаруваат да проверат колкава е трајноста на производите што ги купуваат, а дури потоа сфаќаат дека купиле продукти со рок што е пред непосредно изминување или веќе изминал. Некои производи со поминат рок можат сериозно да го нарушат здравјето и затоа е важно да се внимава на трговските измами или пропусти.

– Пред некој ден купив тестенини, кои беа на акција. Си ги сварив и почнав да јадам од нив, но, моите потоа на амбалажата забележаа дека биле со изминат рок и ми сугерираа дека требало да ги вратам. Но, јас веќе ги имав зготвено и немаше што да направам. Кога пазарам не се концентрирам на роковите на производите, но среќа што овој што го изедов не ми направи никакви здравствени проблеми – вели Миле Србиновски.

Голем дел од потрошувачите што имале вакви искуства не се ни обиделе да ги пријават или можеби не се охрабруваат да го направат тоа во надлежните институции. Некои од граѓаните се жалат дека не се јасно одвоени или посебно означени производите што се пред истекот на рокот. Велат дополнителен проблем претставуваат ситните бројки на кои е напишан рокот на употреба, а повозрасната популација тоа не може ниту да го види.

– Пред некој ден видов производи на акција и ме привлече цената и си купив млеко, но не го видов рокот на истекување. Кога отидов дома, прочитав дека рокот истекува наредниот ден. Истото тоа ми се случи порано кога купив пудинг што беше на акција. Јас живеам сама и не можам да го испијам млекото за 2 дена. Сега не практикувам да купувам производи на акција и сметам дека потребно е тие да се одделат од производите на кои им истекува рокот за да знаат граѓаните – вели Марија Василевска.

Во членот 14 од Законот за заштита на потрошувачите е наведено дека причината за намалените цени, како и рокот на употреба на производот треба да бидат јасно истакнати. Законот вели дека трговецот мора физички да ги одвои производите што се на распродажба поради изминување на рокот на употреба на посебен простор со јасно и на видно место истакнато известување за причината за намалување на цените и крајниот рок на употреба на производот.

– Податоците за последните три години покажуваат дека бројот на претставки што се однесуваат на производи на кои им поминал рокот на употреба изнесува просечно околу 30 на годишно ниво или поточно во 2016 година биле поднесени 33 претставки. Наредната 2017 имало 30, а во тековнава 2018 година, досега се поднесени 22 претставки. Во однос на производите, поднесените претставки се однесуваат на млеко, јогурт, сувомесни производи, јајца, конзервирана храна, кондиторски производи и грицки, како што се чипсови, чоколади, наполитанки, ролати и слично – велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во согласност со одредбите од Законот за безбедност на храната, доколку со инспекциските контроли се утврди дека на пазарот се пласира храна со поминат рок и доколку истата таа се смета за небезбедна, таа се уништува. На операторот со храна што на пазарот пуштил вакви небезбедни производи му се изрекува глоба, која се пресметува во согласност со Законот за прекршоци. Според податоците од Агенција за храна и ветеринарство, годинава биле поништени 7.300 килограми храна.

Доколку се консумира храна со поминат рок постои можност да дојде до труење. Труење со храна настанува кога се консумираат производи кај кои настанало менување на хемиските состав поточно кога настанува нивно расипување. Постои можност тоа да се случи кога се консумираат производи со поминат рок, особено при високи температури и влажност на воздухот во летниот период. Високата влажност и високите температури се добри услови за размножување на бактериите.

– Труењето од храна се манифестира со гадење и со повраќање, но може да биде придружено со грчеви во стомакот и со дијареја. Најсериозниот случај при труењето со храна може да биде појавата на алергиска реакција. Реакциите на труење се најинтензивни во првите 2 до 8 часа по консумирањето на расипаниот производ. Во вакви ситуации кога е зафатен гастроинтестиналниот тракт прво нешто што треба да се направи е да се земе медицински јаглен, кој има цел да ги сврзе сите штетни материи да не навлезат во крвотокот. Доколку се присутни тегоби, како гадење и повраќање и доколку тие се обилни по количество задолжително е јавувањето на лекар. Во полесните форми на труење пациентот може сам да се грижи во домашни услови со тоа што ќе се редуцира храната и ќе се внесуваат повеќе течности.

Потребен е соодветен хигиенодиететски режим, кој треба да вклучува посува храна како двопек, ѓеврек во комбинација со јогурт и супи – вели докторката Даниела Ѓоргиевска Станоева.