Богдановиќ: Наместо барокни ќе поставуваме енергетско-ефикасни фасади

2266

Во општина Центар има голем број постари станбени објекти  кои се изградени  без примена на стандардите за енергетска ефикасност. Градоначалникот Саша Богдановиќ, денеска на прес конференција објави дека од понеделник, почнува рокот за пријавување на заинтересираните заедници на сопственици на станови од подрачјето на општина Центар за реконструкција на фасади на колективни станбени згради. Рокот истекува на 30 април.

-Ова е наше ветување и почнуваме да го реализираме за да обезбедиме поквалитетен живот на граѓаните на Центар. Новите фасади ќе го задржат автентичниот изглед на зградите и боите за кои последниот збор ќе го имаат жителите. Значи нема да поставуваме барокни фасади против кои се боревме, туку енергетско-ефикасни фасади кои ќе значат голема финансиска заштеда за семејниот буџет – рече Богдановиќ.

Реконструкцијата на фасади опфаќа: обнова на фасада со нова термичка фасада од страна на општина Центар и замена на старата и дотраена фасадна столарија со нова од страна на заинтересираните сопственици.

Проектот ќе биде поддржан со финансиски средства од буџетот на Општина Центар,  во висина од 70 отсто од вкупниот износ од вредноста на енергетски ефикасната фасада .

Ако во семејство кое живее во колективната станбена зграда што е избрана за реконструкција на фасада има социјален случај или лице со посебни потреби, врз основа на документ со кој ќе се докаже тоа, општина Центар ќе го финансира неговиот дел при финансирање за реконструкција на колективната станбена зграда.

Сопствениците на посебни делови преку кредитирање или во готово ќе ги обезбедат преостанатите финансиски средства во висина од 30 отсто од вкупниот износ од вредноста на енергетски ефикасната фасада.

Услов е зградата да е постара од 25 години.

Богдановиќ најави дека наскоро ќе започне и проектот за обнова на крововите кои протекуваат и старите и небезбедни лифтови како и проектот „Цел Центар на  точак“. Одговарајќи на новинарски прашања околу проектот „Скопје 2014“, градоначалникот Богдановиќ рече дека се водат истраги за повеќе објекти, но дека не може да открива детали во интерес на истрагата.