Блесна новогодишната елка во Скопје

538

Со вeчерашното светнување на елката на плоштадот Македонија и отворањето на новогодишниот базар „Винтерленд“ симболично се означи почетокот на новогодишните празнувања во Скопје.

На почетокот на новогодишниот базар присуствуваше градоначалникот Петре Шилегов, а празничната атмосфера беше збогатена со детска претстава проследена со новогодишни и божикни песни.
– Имавме спектакуларно светнување на новогодишната елка, што првпат го гледаме во нашиот град. Бидејќи ни претстојат денови исполнети со многу радост и среќа, ве повикувам да го посетите ‘Винтерленд’ и да уживате во богатата и разновидна програма секоја вечер за сите возрасти. На скопјани им посакувам убави новогодишни празнувања – изјави Шилегов на отворањето на новогодишниот базар.
Новогодишните куќички на „Винтерленд“ се сместени на новиот плочник меѓу ГТЦ и плоштадот, а новогодишната програма ќе трае 25 дена – од отворањето на базарот, па сè до 31 декември, до пречекот на Новата 2020 година. Во близина на куќичките ќе биде сместена и мала сцена, на која секојдневно ќе се организираат настани, кои ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста. На овој простор ќе има и катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер.
Во работните денови секој ден ќе има 2 часа детска програма, која ќе почнува околу 16 часот, а подоцна ќе има 3 часа програма за возрасни. За време на викендите е планирана целодневна програма, која ќе почнува точно напладне.