Акција во Гази Баба по повод 26 јули

148

Здружението на граѓани „Акцијаши – Скопје“, со поддршка од општината Гази Баба, ја почна работната акција „Скопје на нашите дланки“. Акцијата ќе трае до 26 јули, а ќе се уредува просторот во студентскиот кампус и факултети во општината Гази Баба. Сите заинтересирани граѓани може да се приклучат во оваа акција, која се организира по повод одбележувањето 55 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје. И тогаш бригадири од сите земји во рамките на Југославија веднаш дојдоа на работна акција за расчистување на разурнатото Скопје. Во таа чест се повикани акцијашите од сите југословенски земји. – Сакам да им се заблагодарам на „Македонски железници“, кои заедно со своите колеги од железници Србија обезбедија воз со кој акцијашите од сите југословенски републики стигнаа во Скопје. Исто така му се заблагодарувам и на државниот студентски дом „Скопје“ за сместувањето на акцијашите. Токму акцијашите по земјотресот во 1963-та го имаат изградено студентскиот дом „Стив Наумов“ во една од работните акции за обнова на градот Скопје – вели Борис Георгиевски, градоначалникот на Гази Баба.