Активности за промоција на спортот и на физичкото здравје во Карпош

91

Општина Карпош изминатиот период спроведе серија активности за промоција на спортот и на физичкото здравје на локално ниво.
За таа цел општината се приклучи кон иницијативата за одбележување на Националниот фитнес-ден, кој се одбележа во четвртокот.
– Националниот фитнес-ден има цел да ја издигне јавната свест кај младите, повозрасните, и воопшто кај сите граѓани за зголемена и континуирана физичка активност. Се потсетуваме и на потребата од квалитетна и сеопфатна инфраструктура за вежбање и спортски активности. Во период на светска пандемија на ковид-19, кога затворените спортски сали и објекти се користат под ригидни протоколи, потребно е да излеземе надвор! Во оваа насока, Општина Карпош минатата недела го отвори и Спортско-рекреативниот центар во Карпош 3, во рамките на училишниот двор на „Лазо Трповски“ – информираат од општината.

Локалната самоуправа изминатиот период работеше на креирање повеќе вакви зони.
Достапна за сите граѓани е фитнес-зоната во Карпош 4, која се направи во соработка со Агенцијата за млади и спорт. Една од попосетените зони е и Баланс + фитнес-зоната по должината на кејот на Вардар. Веќе повеќе години, граѓаните се рекреираат и во фитнес-делот во Козле, во должина по булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов.
– Ги повикуваме сите граѓани на зголемена физичка активност на отворено. Независно од ковид-кризата, фитнесот, вежбањето е добро за нашето здравје, психичка подготвеност и за полесно совладување на различните животни предизвици – велат општинските власти.
Овие активности беа реализирани заедно со граѓанското здружение „Такт“, со чии инструктори се организира и фитнес-час.