Автомобилите да ги ослободат тротоарите за пешаците

758
Поради паркираните автомобили на тротоарите, пешаците ризикуваат движејќи се по коловозните ленти

Главниот град долги години мака мачи со паркирањето на места што не се предвидени за тоа. Критични точки постојат на многу различни локации во градот: во близината на Бит-пазар, околу Клиничкиот центар, на улиците во Дебар Маало и многу други. Граѓаните честопати се соочуваат со паркирани возила на тротоарите, а со тоа се загрозува нивната безбедност, бидејќи мора да се движат по рабовите на коловозите. Поради несовесното паркирање, загрозена е и безбедноста на другите учесници во сообраќајот, како што се велосипедистите.

Како реакција на несовесното паркирање и узурпирање на површините што не се за таа намена, граѓаните на социјалните мрежи почнаа да објавуваат фотографии од возилата на луѓето што секојдневно ги кршат сообраќајните закони. Веќе од поодамна на Фејсбук постои и група во која јавно се објавуваат фотографии од луѓе што со своите возила направиле најразлични видови прекршоци, а трендот се шири и на другите социјални мрежи. Фрустрациите на граѓаните се сосема разбирливи и очекувани. Ваквите јавни објави на прекршителите на законите можеби ќе доведат до издигнување на јавната свест, но ќе предизвикаат реакција и од надлежните институции. Само како за потсетување, пред извесно време, по пријава на граѓани, пред Министерството за образование и наука беа поставени столпчиња поради секојдневното паркирање на тротоарот пред влезот на зградата.

Граѓаните се незадоволни и ги иритира постојаното слалом-движење по тротоарите, бидејќи поради паркираните возила по тротоарите се движат по коловозните ленти. Се надеваат дека институциите ќе преземат нешто во однос на непрописно паркираните возила.
– Морам да се движам слалом на тротоарите низ градов, а така е и на улицата Рузвелтова, на која повеќе одам по коловозот отколку по тротоар. Не се поминува од паркирани автомобили. А знаеме колку е ризично движењето по коловозната лента, бидејќи исто така познато е колку брзо се вози по улицата и може да се случи сè и сешто. Ова е секојдневен проблем со кој се среќаваме ние што пешачиме по Рузвелтова и затоа некој мора да преземе нешто да се расчисти и ослободи тротоарот од паркираните возила – вели загрижена жителка на Карпош.

Од градот Скопје велат дека изминатиот период се реализираат многу мерки за справување со непрописното паркирање. Дел од нив се: поставување заштитни столпчиња, пропишување регулација со поставување патна сигнализација и доследна примена на сообраќајните режими. Според градските служби, сообраќајната полиција и јавното претпријатие „Градски паркинг“ досега ажурно работат и се справуваат со непрописно паркираните возила. Како за пример, а според информациите од билтенот на Министерството за внатрешни работи, во четвртокот во Скопје биле подигнати стотина возила.
Ажурната работа на институциите, соодветната инфраструктура и издигањето на свеста на граѓаните се клучни фактори за подобрување на условите за пешаците во сообраќајот во главниот град. Останува отворено прашањето дали граѓанските иницијативи позитивно ќе дејствуваат врз свеста на граѓаните да прекинат да паркираат на локации што не се наменети за тоа и дали институциите ќе реагираат на тие пријави.