Синод на МПЦ Фото: Игор Бансколиев

Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија одлучи да ја прифати поканата за сослужување со Српската православна црква, а истовремено е потпишано и писмото до Вселенскиот патријарх Вартоломеј, со благодарност за признавање на канонскиот стaтус на МПЦ-ОА.

– Ја прифативме поканата од страна на српскиот патријарх, односно Соборот на СПЦ за да се воспостави евхаристичко единство со сиот православен свет, се разбира со оваа архиерејска литургија што ќе се отслужи утре во Соборниот храм посветен на Свети Сава – кажа владиката Тимотеј, кој е портпарол на Синодот.

Како што информира владиката Тимотеј, МПЦ ќе ја предводи неговото блаженство, архиепископот г.г. Стефани, тројца митрополити во ранг на највозрасните, во придружба на неколку соработници.

– Преку ова се воспоставува единство не само со СПЦ туку и со останатите православни цркви а тоа е еден чекор до очекуваното конечно разрешување на посакуваната цел а тоа е автокефалност на МПЦ – додава владиката Тимотеј.

-Црква за која се бара да биде предложена за автокефален статус треба да исполнува 9 или 10 точки. Ние очекуваме за нас, тоа да го направи матичната црква од која се одделуваме, во конкретниот случај СПЦ. Таа да предложи до Вселенската патријаршија доделување автокефален статус , што треба да го одобрат сите православни цркви, а потоа Вселенскиот патријарх да издаде Томос кој треба да биде потпишан од него и од епископот на СПЦ – изјави владиката Тимотеј.

Владиката не смета дека со тоа што се прифатил предлогот од СПЦ, за автономија како од 1959 година, дека е враќање назад, туку дека е чекор напред и логичен след на работите што треба да нѐ одведат до моментот за утврдување на автокефалниот статус.

Томосот, вели тој, треба да го потпише цариградскиот партијарх и српскиот патријарх и се очекува тоа да се случи до крајот на месецот.

-Треба да дадат согласност сите православни цркви за да се официјализира, но ние ќе функционираме како автокефална црква – рече Тимотеј.