Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нјголем проблем претставува тоа што голем дел од граѓаните не се информирани за своите права при туристички патувања. Поради тоа, најчесто тие не можат навремено да реагираат при препознавање на одредени недоследности од склучените договори

Претрпен стрес и уништен одмор поради одредени пропусти како сместување во неадекватни соби и услови или, пак, превоз кој не ги исполнува условите од договоренето се дел од сликата која секоја година континуирано говори за прекршување на потрошувачките права на клиентот, но и за непрофесионалноста на дел од оние кои ги нудат и извршуваат туристичките услуги.

Сепак, најголем проблем претставува тоа што голем дел од граѓаните не се информирани за своите права при туристички патувања. Поради тоа, најчесто тие не можат навремено да реагираат при препознавање на одредени недоследности од склучените договори.

За таа цел, „Нова Македонија“ се обрати до Организацијата на потрошувачи на Македонија каде ги прашавме дали имаат поплаки од незадоволни туристи и како ги советуваат.

ПАТНИКОТ ТРЕБА ДА ВНИМАВА НА ОПШТИТЕ УСЛОВИ НА АГЕНЦИЈАТА СО КОЈА СКЛУЧИЛ ДОГОВОР

Оттаму посочија дека сѐ е содржано во Законот за туристички дејности, според кој сите жалби и поплаки за туристичките услуги во текот на патувањето и престојот патникот треба да ги упати до претставникот на агенцијата или доколку нема претставник, истото да го стори најдоцна во рок од осум дена по завршување на патувањето, односно до агенцијата која е организатор и со која го склучил договорот за туристички услуги, а до која е потребно да поднесе писмен приговор, во кој треба да објасни што се случило и да побара намалување на цената.

– Задолжително, патникот треба да внимава на општите услови на агенцијата со која склучил договор, дали е должен да побара потврда за недостатокот во текот на патувањето или престојот од претставникот на агенцијата или од локалниот давател на услугите, бидејќи доколку тоа е утврдено, а патникот не постапи согласно со општите услови, без таа потврда нема да може да се жали за услугата. Но, доколку патникот побарал потврда, а притоа не ја добил, во тој случај ќе може да се жали поради тоа што не добил потврда – објаснуваат од Организацијата на потрошувачите.

Фото: Пиксабеј

Понатаму, покрај правото на туристот да бара да му се вратат парите за дел од услугите кои не се извршени, тој може да бара и надомест на материјална и нематеријална штета, доколку докаже дека штетата навистина настанала поради пропусти на агенцијата.

– За докажување на причинетата штета, покрај потпишаната потврда за недостатокот за време на патувањето (доколку е пропишано со општите услови на агенцијата), со приговорот треба да се достават сметки за платени трошоци и други докази што патникот ги имал, како на пример: фотографии, сведочења итн. Доколку агенцијата (организаторот на патувањето) го одбие приговорот на патникот, тој може да поднесе претставка/поплака до Државниот пазарен инспекторат или да покрене судска постапка – советуваат од Организацијата на потрошувачите.

Зависно од големината на штетата, казните за агенциите кои не го почитуваат Законот за туристичка дејност се движат од 1.000 до 3.000 евра.

НАЈМНОГУ ПОПЛАКИ ИМАЛО ЗА ВРЕМЕ НА КОВИД-МЕРКИТЕ

Од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) посочија дека оваа туристичка сезона немале не добиле претставка/поплака од незадоволни туристи за одредена туристичка агенција, по која потоа ќе постапуваат.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сепак, оттаму посочуваат дека летната сезона е во ек и дека ќе ја следат состојбата.

– Поплаки имаше за време на ковид-мерките, кога голем дел од земјите беа затворени и немаше можност да се остварат туристичките аранжмани. Но, состојбата се реши и потоа сите ги реализираа ваучерите. Тогаш, ниту една туристичка агенција не направи проблем околу состојбата со користење на ваучерите – заклучија од ДПИ.