Фото: Принтскрин Влада

Западен Балкан за Германија е од стратешко значење и јас се залагам за неговиот прием во Европската Унија. Германија е сериозна со евроинтеграцијата на државите од регионот, а ова особено важи за Македонија. ЕУ кон Македонија има дадено ветување, а земјата ги исполни сите предуслови за почеток на пристапните преговори, рече германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Владата во Скопје.

Германскиот канцелар нагласи дека е воодушевен од политичката сила која, како што кажа, овозможи да дојде до договор со Грција. Затоа, како што рече, остатокот од задачата треба исто да ни успее и тоа е нешто за што граѓаните од Македонија и Владата работеа многу. Сега, нагласи Шолц, треба да ги вложиме сите наши напори.

Македонија, според него, ги исполни сите предуслови и нагласи оти лично ќе се заложи да се случи следниот чекор.

– Пристапните преговори треба да започнат и јас ќе се заложам за тоа. Ја охрабрувам Северна Македонија да продолжи ангажирано по патот на реформите – рече Шолц.

Билатералните односи меѓу двете земји, како што оцени, не се само политички, туку и економски, разновидни и блиски. Тоа, како што кажа, е плус причина зошто Германија ја поддржува Македонија на својот пат на ЕУ.

Премиерот Ковачевски потенцираше оти ова е втора посета на еден германски канцелар, што, според него, сведочи за исклучително добрите односи меѓу двете земји.

– Поддршката што ја добиваме од Сојузна Република Германија е силна, постојана и недвосмислена. Таа поддршка за нас е огромно охрабрување за нашите аспирации да изградиме просперитетно општество кое се темели врз европски вредности како рамноправен партнер на Сојузна Република Германија и другите земји членки на ЕУ – посочи премиерот.

Посетата на Шолц, токму во пресрет на Самитот на ЕУ, според Ковачевски, е силен знак на поддршка на исполнетите критериуми на Македонија.

– Заедничките цели се нашата земја да е членка на ЕУ – рече Ковачевски.