Фото: МОН

Владата на Македонија не само што овозможи континуитет на воспитно – образовниот процес за време на пандемијата, туку токму во овој период ги иницираше и започна со имплементација на најкрупните образовни реформи кои досега се случиле во државата и тие треба да го трансформираат националниот образовен систем во современ модел, кој ќе ги интегрира новите стандарди за квалитет и ќе одговара на глобалните образовни трендови – истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири за време на министерскиот состанок кој во организација на УНЕСКО денеска и утре се одржува во Париз, како подготвителна активност во пресрет на Самитот за трансформација на образованието што во месец септември ќе се случува во Њу Јорк.

– Пандемијата на кратко ги затвори образовните установи кај нас, па учењето се спроведуваше на далечина, преку ИТ уреди, телевизија и слично. Но, многу брзо се прилагодивме на новата состојба и од денешен аспект, можам да кажам дека здравствената криза донесе една голема придобивка за нашиот образовен систем, а тоа е забрзувањето на процесот на негова дигитализација – рече Шаќири.

Министерот истакна дека во изминатите две години, Владата со поддршка на повеќе домашни и меѓународни фактори како УНИЦЕФ, Светска Банка, ОЕЦД и други направи план за целосно реформирање на основното образование со фокус на наставата, инфраструктурата и наставниот кадар.

– Донесовме нов Концепт за основно образование кој ги содржи главните препораки на меѓународни и домашни експерти за тоа како треба да изгледа современиот воспитно – образовен процес. Ги насочуваме младите да учат со разбирање и така тие стануваат подобро подготвени за понатамошна образовна надградба. Започнавме со етапна изработка на нови наставни програми и учебници. Се фокусиравме и на образовната инфраструктура и навајжно се насочивме кон подигнување на мотивацијата за работа на наставниците преку подобри услови за работа, повиски плати и воведување на можности за континуиран професионален и кариерен развој – потенцираше министерот.

Говорејќи за идните планови на Министерството за образование и наука, Шаќири рече дека неодамна започна да се спроведува ново национално тестирање на знаењата на учениците од трето и петто одделение, а резултатите од истото, заедно со резултатите од меѓународните студии за проверка на перформансите на учениците како ПИСА и ТИМСС, треба да ги дефинираат идните правци на делување.

– Во меѓувреме, работиме на ревидирање на формулата за финансирање на основното образование и плановите за оптимизација на училишната мрежа, бидејќи тоа е директно поврзано со организацијата и квалитетот на наставата. Се врши и ревизија на сегашната методологија за интегрална евалуација и самоевалуација, како клучни инструменти за идентификување на областите на чие подобрување треба да работат училиштата – рече министерот.

Покрај Шаќири, свои излагања на состанокот за тоа како да се забрза прогресот на образованието до 2030 година имаа и министрите за образование од повеќе други земји. Секој од нив ги презентираше првичните исходи од националните консултации кои се спроведуваа во изминатиот период и се утврдуваа најзначаните практики за интензивирање на развојот на образованието.