Фото: МИА

Со летниот распоред на летање, што почнува на 28-ми месецов, покрај новата авиолинија Скопје-Софија, на аеродромите во Македонија се враќаат неколку рути што функционираа пред ковид пандемијата. Се очекува и враќање на полски ЛОТ со линијата за Варшава. Истовремено со стапувањето во сила на летниот ред на летање, на Скопскиот аеродром почнуваат и градежни активности за обнова на пистата.

– Моментално, летниот распоред на летање од Меѓународниот аеродром Скопје има 35 дестинации. Сите дестинации што ги имавме лани ќе продолжат, освен Москва, Санкт-Петербург и Киев. Иако како авиолинии беа пуштени првпат во ковид кризата, во 2020 и 2021 година, во моментов овие три линии не се оперативни. Во овој летен распоред на летање се враќаат и неколку рути кои ги имавме пред ковид пандемијата, но во текот на зимската сезона се’ уште не беа вратени. Друга авиолинија за која се надеваме дека ќе се врати, по завршувањето на рехабилитацијата на пистата, е Варшава, со полската авиокомпанија ЛОТ, која исто како и авиолинијата до Истанбул, се користеше од нашите патници како конекција за патувања до САД – вели во интервју за МИА Метин Батак, извршен директор на ТАВ Аеродроми.

Тој истакнува дека последиците од ковид 19 кризата сѐ уште се чувствуваат глобално и оти се потребни уште најмалку две до три години за закрепнување на авиосообраќајот на светско ниво.