Таравари се сретна со таткото на ученичката од Гостивар

Градоначалникот на Гостивар, по изразената загриженост на јавноста за случајот со ученичката со Даунов синдром, Ембла Адеми, денеска го посети ОУ „Единство“ каде што таа ја следи наставата.

– Дојдов да се запознаам со проблемот, бидејќи вчера ја видов социјалните мрежи загриженоста искажана од голем број луѓе и мислам дека секоја неволја има добра страна, и тука мислам дека е добро што населението се сензибилизира во овој поглед. Како општинска администрација мислам дека овие 4-5 години работевме посветено на овие деца и мислам дека се разликуваме од многу други општини и во однос на изградбата на објект за деца со посебни потреби и центар за аутизам – рече Таравари.

Тој додаде дека одговорната за образование Аслиан Снопче многу се погрижила за овие деца и дека е изненаден од моментот што нешто не е во ред.

– Затоа денес дојдов да ги ислушам сите, и како што гледам проблемот започна во декември, кога имаше петиција од родители кои имаат деца во исто одделение со Ембла. Иако немаме обврска, ние како Општина обезбедивме лична асистентка за Ембла и според мојот пријател Илир, како родители, тие се презадоволни – нагласи градоначалникот и додаде дека општината има ангажирано и дефектолог кој работи со Ембла во периоди кога се појавува некаква вознемиреност.

Таткото на Ембла, Илир Адеми, е задоволен од одлуката и посакува случајот со неговата ќерка да биде последен во нашето општество.

– Го поздравувам градоначалникот кој беше посветен на случајот и му благодарам што се заложи за решавање на овој проблем. Се надевам дека овој случај ќе се реши и овој случај ќе биде последен со овие деца и не само за мојата ќерка, туку за сите – рече Адеми.

Средбата се одржа во специјална просторија во училиштето, подготвена за Ембла, која посетува неколку часови сама со својата асистентка.