Фото: Министерство за здравство

Итна е потребата од нов Клинички центар, не поради изгледот, колку поради функционалноста. На македонското здравство му треба нова организација и нов објект, смета министерот за здравство Беким Сали.

– Според првичните анализи што јас ги имам направено, поуспешно и подобро поминуваат клиниките коишто се интегрирани. На македонското здравство му треба нова организација и нов објект. Јас не знам дали ќе успеам да удрам темел на Клинички. Посакувам, не од личен аспект. Нормално, тоа би ми создало огромно задоволство за таа иницијатива којашто ја преземам и се трудам да ја водам таа иницијатива – рече Сами на гостувањето во централниот Дневник на телевизија „Сител“.

Прашан која локација би била најсоодветна за новиот Клинички центар, министерот потенцира дека која било локација што ќе дозволи побрза инсталација и започнување на градежните работи.

Во однос на слабостите во здравствениот систем што излегоа на површина со пандемијата, Сали рече дека целата состојба со македонското здравство ќе биде предмет на студии како некои работи би требало да се направат во иднина.

– Здравствениот систем не е секогаш подготвен за толку голем наплив на пациенти од инфективна природа затоа што инфективните одделенија во нормални услови се најмалку посетени. Секако, никој не можел да предвиди дека ќе има толкава потреба од кислород да биде инсталирана во секоја соба и толкава количина на кислород да помине низ инсталација изградена пред 40-тина години. Во такви вонредни услови, гледаме и вонредни слики – рече Сали.

Посочи дека направени се мали реогранизации за поголема функционалност, односно конзилијарните мислења се убрзани за да може побрзо да се одлучи за состојбата на пациентот.