Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, ќе се жали на одлуката за суспензија пред Советот на јавни обвинители, за што има рок од осум дена, објавуваат медиумите. Обвинителката, чиј мандат истекува во ноември, од вчера нема пристап до материјалите на коишто досега работела.

Русковска треба дополнително да одлучи кој ќе ги води нејзините две предистраги. Дел од медиумите објавија дека Лиле Стефанова ќе ја менува Русковска додека трае суспензијата.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески вчера поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда.

Арафат Муареми вчера информира дека по своја сопствена волја се повлекува од функцијата в.д. директор на Управата за финансиска полиција, имајќи ја предвид одлуката на Јовески да поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за сите три јавни обвинителки и да ја суспендира Вилма Русковска од функцијата.