Фото: Принт-скрин

Тројца пријатели од Македонија, кои славеле роденденска забава, сакале да се забавуваат и да пливаат на познатата плажа „Мити“ во Посиди, на Халкидики, пркосејќи им на силниот ветер и големите бранови, објави грчкиот весник „Прототема“.

Најмладиот меѓу нив, кој е на 25-годишна возраст, бил пронајден со помош на сурфер кој нурнал во водата, додека трае потрагата по неговите двајца пријатели кои имаат 28 односно 30 години.

Македонски државјанин спасен од невреме на Халкидики, се трага по уште двајца

– Роденденската забава се претворила во кошмар за тројцата туристи кои се забавувале на плажата, кога решиле да се приближат до многу опасен дел од брегот и да се нурнат во морето – наведува грчкиот весник, додавајќи дека некои од присутните на плажата сфатиле што се случило и веднаш ги известиле надлежните.

Под координација на Заедничкиот координативен центар за пребарување и спасување, на местото пристигнале брод на крајбрежната стража, патролно возило, хеликоптер на воздухопловните сили, два приватни чамци и волонтери, по што почнала акцијата за спасување на исчезнатите туристи.

– Местото е премногу опасно и затоа локалното население никогаш не оди таму. Имаше многу бранови и ветер и во тој момент се спојуваат струите на двете мориња и тоа е многу опасно – рече градоначалничката на Касандра, Анастасија Чалкија, нагласувајќи дека штом ќе се стемни ќе биде тешко да се продолжи со потрагата.

Грчките медиуми истакнуваат дека потрагата по двајцата исчезнати македонски државјани ќе продолжи вечерва со пловечки и патролен чамец на крајбрежната стража, како и два приватни чамци.