Фото: Зоран Антоски

За денот екологијата 21 март, учениците од ОУ „К.Ј.Питу“- Кичево го исчистија училишниот двор, од се што беше затекнато на дворното место од шишиња, кеси и друг вид отпад. Покрај собирањето на отпадот од училишниот двор, наставниците, учениците и останатите вработени од ова училиште, започнаа со спроведување на сопствениот проект „Нашиот двор раскажува приказна за себе“.

Проектот стартуваше со собирање на хумус под боровата шума во СРЦ „Крушино“, за потоа да продолжи со подготовка на влезниот дел од училишниот двор, каде се тампонира просторот, се поставија автомобилски гуми, дрвени палети, бекатон плочки и други прирачни материјали. Овие простори ќе бидат оплеменети со засадување на цвеќе.

-Проектот „Нашиот двор раскажува приказна за себе“ е наша сопствена креација, во која се вклучени учениците од повисоките одделенија, наставниците и останатите вработени. Со повеќе прирачни средства најпрво создадовме предуслови да се формира еко-паркот пред училишниот двор, ги поставивме автомобилските гуми, палетите, бекатон плочките и просторот го доби посакуваниот облик, каде почнавме со засадување на цвеќе. По завршувањето на проектот истиот ќе биде уникатно катче за сите што престојуваат во ова училиште. Додека учениците од повисоките одделенија и вработените помагаат во создавање на еко-паркот, помалите ученици ги уредуваат училниците и училишниот хол. Со овој проект ја најавуваме пролетта и денот на екологијата – истакна Анета Божиноска, директорката на ОУ „К.Ј.Питу“-Кичево, која даде полн придонес во реализацијата на овој проект. З.А.