Вечерва во преполната сала од Центарот за култура во Кичево, гостуваше караванот отворени граѓански трибини на СДСМ „На прав пат“. На вечерашната трибина во Кичево, пред присутните говореа потпретседателите на партијата Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи на Македонија, Мухамед Зекири, пратеник и Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи на Македонија. Во своето опширно обраќање потпретседателот Спасовски говореше за сите сегменти од владеењето на неговата партија и она што го затекнале пред да дојдат на власт во 2017 година.

-Македонија колку е поразлична после две години и пет месеци откако сме на власт од онаа што беше до 2017 година. Затоа со право сите можеме да констатираме дека сме на вистинскиот пат да ги постигнеме сите наши цели за кои што се залагавме. Добро е да говориме за тоа што беше и како ја затекнавме Македонија. Меѓутоа да не се навраќаме назад за тоа што било, туку што ќе направиме и што сме направиле во овие две и пол години и кои се резултатите кои сме ги постигнале – истакна во својот вовед министерот Спасовски.

Фото: Зоран Антоски

Тој во продолжение на своето обраќање се наврати на проектите кои се реализирани во изминатите две години, како и перспективите на земјата како идна членка на НАТО пактот и Европската Унија.

-Многу скоро Македонија ќе биде триесетата членка на НАТО Алијансата и тоа значи дека ќе ги започнеме преговорите и за членство во Европската Унија. Паралелно со интеграциските процеси се работеше и на остварување и на предизборната програма. Повеќе проекти се завршени од она што беше најавено со временската рамка и за нив треба сите со гордост да разговараме и да ги споменуваме. Пред законот сите во иднина ќе бидат исти и нема да има селективна правда како во изминатиот период. Најавивме зголемување на платите на јавната администрација, социјалните случаи и пензионерите а тоа ќе го правиме и во иднина, сакаме држава на задоволни граѓани-дополни министерот Спасовски.

Фото: Зоран Антоски

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, во своето обраќање истакна дека штом нѐ има волку во оваа сала, значи навистина сме на правиот пат.

-Правиот пат е оној кој што нѐ води кон европските вредности, модерно образование, унапредено здравство, патот што нѐ води кон враќање на парите на граѓаните, патот кој нѐ води да си го вратиме достоинството и да го вратиме стандардот на живеење во нашата држава. Владата вложува и ќе вложува и понатаму во секоја една целна група во нашата држава – рече Лукаревска.

Фото: Зоран Антоски

Пратеникот Мухамед Зекири рече дека во 2016 година сплотени сите заедно успеавме да покориме режим. Покажавме дека можеме поинаку и дека не сме исти. Секојдневно во јавноста доминираа меѓуетнички теми во негативна конотација. Тепачки на меѓунационална основа, полициски акции во неслучајно избрани места, политички мотивирани и исценирани апсења, сѐ со цел да се насочи вниманието на граѓаните на овие теми, додека тогашните партнери сложно ја пљачкаа државата и ги најави подобрите времења на земјава како членка на НАТО и ЕУ.

На крајот од вечерашната трибина следуваа прашања од страна на присутните членови и симпатизери.

З.А.