Дебрца

Надлежните од Општина Дебрца ги повикуваат земјоделците да ги почитуваат новите препораки на Владата и движењето да го користат исклучиво за работни обврски, со намера заедно со нив да придонесат во справувањето со коронавирусот во нашата држава. Новата забрана за движење стапи во сила од вчера, а од локалната самоуправа советуваат земјоделците да се придржуваат до препораките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

– Земјоделците што имаат работни обврски на своите земјоделски површини и на фармите, а кои се наоѓаат во атарот на селото во кое живеат, можат да се движат за време на забраната за движење, исклучиво заради извршување на работните активности без да вадат дозволи за движење. Земјоделците, пак, чии земјоделски површини или фарми се наоѓаат надвор од селото во кое живеат и треба да патуваат, а имаат работни обврски поврзани со производството, задолжително треба да извадат дозвола за движење.

Вадењето дозволи за оние земјоделци што треба да патуваат од местото на живеење до локацијата каде што им се наоѓа земјоделската површина или фарма, ќе биде по претходно воспоставениот принцип, преку подрачните единици на МЗШВ. Досега, се издадени 3.491 дозвола за движење на земјоделците заради извршување на работните обврски – стои во препораките од министерството за кои информираат од општината Дебрца.