Фото: Зоран Антоски

Во општина Кичево денес беа потпишани договори со 15 лица, на кои им беа доделени грантови во износ од 180.000 денари, за да започнат сопствени бизниси. Ова е трета година по ред како општина Кичево од сопствениот буџет, ги стимулира граѓаните со 3.000 евра, за да започнат нови бизниси, со што ќе ја намалат и невработеноста во општината, а со развојот на своите бизниси ќе можат да вработуваат и други лица и економски да растат и се развиваат.

– За да ја намалиме невработеноста во нашата општина, трета година по ред на наши сограѓани заинтересирани за отворање сопствени бизниси им доделуваме по 180.000 денари, средства обезбедени од буџетот на општината. Со овие грантови сакаме да ги стимулираме младите и невработени лица, да отворат сопствен бизнис, а во иднина да можат да ангажираат и други лица. Годинава грантови им беа доделени на 15 наши сограѓани, кои единствено имаат обврска да го развиваат сопствениот бизнис, без притоа да имаат дополнителни обврски да вработуваат трети лица или да ги вратат средствата. Во втората фаза за годинава ќе потпишеме договори уште со 6 лица, но овој пат тие ќе имаат обврски во сопствениот бизнис да вклучат и друго лице на одреден период. Во спротивно одобрените средства ќе мораат да ги вратат назад. Како што може да се забележи во 15-те апликанти има лица од разни дејности, од автомеханичари, занаетчии, адвокати и очекуваме со оваа помош да можат полесно да го развиваат сопствениот бизнис. За оваа намена Општина Кичево обезбеди 60.000 евра за 21 лице – рече градоначалникот, Фатмир Дехари.

Граѓаните кои ги добија овие грантови, се задоволни од доделените средства и велат дека оваа помош им е добредојдена за подобро да можат да се развиваат бизнисите. 

– Работам со централно затоплување и овие 180.000 денари ми се добредојдени, бидејќи ќе можам да набавам репроматеријали, што уште толку ќе ми го олесни натамошниот раст и развој на мојот бизнис – рече Газменд Зенку, еден од 15-те граѓани на кои им беа доделени овие грантови. З.А.