Со бурек, варено вино, топол чај, денеска во Прилеп на платото кај Саат Кулата беше одбележано доаѓањето на Новата година според јулијанскиот календар.

Одбележувањето на празникот Василица беше според сите протоколи за заштита од ковид-19. Ова е првпат градот на овој начин да се одбележува овој христијански празник, познат како Стара Нова година. Прилепчани кои дојдоа на прославата беа почестени со бурек, варено вино, топол чај и рекоа дека идејата е убава и од следната година да биде традиционална.

– Убав настан со кој се одбележува нашата традиција. Еве зедовме бурек, се напивме вино, чај, се подруживме – рекоа дел од присутните прилепчани.

Од Општина Прилеп како организатор не го криеја своето задоволство што
манифестацијата помина беспрекорно.

– Секој добронамерник го почестивме со парче бурек, варено вино или чај. Поделивме над 400 пакетчиња со бурек, уредно спакувани. Производите ги обезбедивме од страна на неколку општествено одговорни компании. Посетителот кој ќе ја пронајде паричката ќе биде даруван со прогоден подарок од општината – изјави градоначалникот Борче Јовчески.

Фото: Општина Битола

Празникот Василица дел прилепски семејства го празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден. На овој ден традиционално, или вечерва или утре, се врти бурек со паричка, а на онај што ќе му се
падне паричката се верува дека ќе биде среќен во текот на целата година. Ка.М.