Фото: Зоран Антоски

За да се поттикне развојот на туризмот во Поречкиот регион и впишување на село Самоков на мапата на атрактивни дестинации за авантуристички туризам, општина Македонски Брод за прв пат во село Самоков организира адреналински фестивал на отворено „Самоков Екстрим“.

На овој настан се очекува да земат учество над 300 учесници од земјава,Белгија и други странски држави.

Градоначалникот Жарко Ристески очекува овој адреналински фестивал да прерасне во традиционален и да го етаблира регионот на меѓународни туристички мапи.

-За прв пат годинава во Порече се организира адреналински фестивал на отворено т.н.„Самоков Екстрим“. На овој фестивал се очекува да земат учество повеќе од 300 учесници и најмалку 20 мотоциклисти од Белгија, од кои дел веќе го посетиле овој регион изминатите години. Учесниците на фестивалот со своите спортски вештини ќе можат да се презентираат во повеќе дисциплини, а ќе имаат ревијален карактер – истакна градоначалникот Жарко Ристески.

-Ќе има возење со теренски возила (џипови), возење со мотокрос моторцикли, возење со АТВ возила, со МТБ велосипеди и планинарење – додаде Ристески.

Според сатницата, денес од 9 до 12 часот се очекува пристигнување на учесниците и престојување на кампот каде ќе престојуваат,по што ќе следува регистрација на учесниците и подигнување на стартните пакети – нагласи  Ристески и најави дека во текот на денот од 14 часот ќе има заедничко ревијално возење на учесниците со теренски возила а вечерва ќе има заедничко гледање на финалето од Лигата на шампионите.

Денешниот ден ќе биде заокружен со концерт на Даниел Крстески и неговиот бенд.

-Утре во 10 часот е закажан заеднички старт на учесниците во сите дисциплини и по завршувањето на овие трки ќе биде спуштена завесата на овој адреналински фестивал,  кој се очекува да стане традиционален – додаде градоначалникот.