По 48 часа изминати од третиот натпревар од Крапската лига на Македонија, екипата на „Елит Карп Тим“ од Штип се наоѓа на првото место со најбогат улов, додека пак на второ и трето место се наоѓаат екипита на „Мак Дам“ Куманово и „Костреш“ Богданци.

Во двата дена уловени се вкупно 747,28 килограми крап, што е рекордна количина во однос на претходните натпревари.

-Третиот крапски риболовен натпревар што во овие три дена се одржува на Осломејско езеро, донесе богат улов на риболовци од 15 екипи од земјава вклучени на овој натпревар. По два дена од риболовниот натпревар на чело со вкупен улов од 148,41 килограм се наоѓа екипата на „Елит Карп Тим“ од Штип, второто место го држи екипата на „Мак Дам“ Куманово со уловени 108,08 килограми, додека пак на трето место со уловени 101,9 килограми е екипата на „Костреш“ Богданци.

Воедно само овие три екипи во двата дена имаат улов поголем од 100 килограми-истакна портпаролот на спортско риболовното друштво домаќин, Мире Ночески.

Инаку во изминатите два дена вкупниот улов на сите екипи изнесува 747,29 килограми или вкупно се уловени 311 примероци на крап. Најголемиот примерок на уловен крап е со тежина од 9,48 килограми. З.А.