Од денес па до недела на Осломејското Езеро ќе се одржи првиот „Боила куп Кичево 2022“. На овој натпревар во спортски риболов ќе земат учество 19 екипи од земјава и странство. Ќе се лови на боила, а за најдобро пласираните екипи и риболовецот што ќе го улови најкрупниот примерок на крап ќе бидат наменети богати награди. Организатор на овој куп е локалниот спортско- риболовен клуб „Хантер Фиш“ од Кичево.

– Од денес во наредните 72 часа на Осломејско езеро ќе се одржи првиот „Боила куп Кичево 2022“. На натпреварот ќе земат учество 19 екипи од кои 14 од земјава и 5 од странство. Завршени се сите подготовки за овој риболовен натпревар, тампониран е пристапниот пат до езерото и изградени нови позиции каде ќе бидат лоцирани риболовците. Секоја екипа ќе биде составена од најмногу 3 члена, а секој од учесниците ќе лови на најмногу две трски – рече претседателот на риболовното друштво2 Хантер Фиш“од Кичево, Бесмир Елези.

Тој потстети на богатите награди кои ќе ги освојат најдобро пласираните екипи на овој натпревар.

– Екипите што ќе ги освојат првите три места на овој натпревар ќе добијат висококвалитетна риболовна опрема што ја обезбедија спонзорите на овој натпревар, а посебна награда ќе следува и за риболовецот кој ќе го улови најкрупниот примерок на крап на натпреварот – додаде Елези.

За учество на овој натпревар секоја од екипите плати котизација во износ од 4.000 денари. З.А.