Прилепските советници на денешната осма седница на Советот со мнозинство гласови ја усвоија Програмата за субвенционирање на трошоци за ЈП „Пазари“ за тековната година, како и одлуката за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на плати за вработените во ЈКП „Комуналец“.

На седницата беа усвоени и две точки од ЈП за ПУП за одредување на цената за превоз на вработените во ООУ „Кирил и Методиј“ во населеното место Канатларци и Ценовникот за редовен линиски приградски превоз.

Советниците дадоа виза за извештајот за работа на детските градинки „Наша иднина“ како и одлуките за отпис на неупотребливи компјутерски системи и дотраен ситен инвентар во ООУ „Добре Јованоски“.

Советниците со мнозинство гласови ја усвоија и Програмата за измена и дополнување на годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови на територијата на Општина Прилеп за 2022 година, како и Програмата за дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на општина Прилеп за 2022 година.

На седницата поминаа и одлуката за донесување на урбанистички проект со план за парцелација за ГП 1 за изградба на објекти за производство на ел.енергија од обновливи извори на енергија – фотоволтаични панели во три градежни парцели во Старо Лагово, како и одлуката за определување на ширина на крајбрежен појас во водотеците во плански опфат на УПС, Алинци, УПС Беловодица и УПС Плетвар.

Во рамките на денешната седница беа усвоени и решенијата за именување и разрешување на членови во управни, надзорни и училишни одбори во неколку прилепски институции.

Прилепските советници ја подржаа Програмата и правилникот за доделеување на еднократна парична помош за новороденче, што нов проект во општината.

Ка.М.