Фото: З.А.

По триесетина дена интензивен живот, предизвикан, пред се, благодарение на печалбарите од овој крај, кои периодот на годишен одмор го искористија да се видат со најблиските во земјава, тие кон среднината на месецов се враќаат во земјите каде што работат, а градот продолжува да живее во својот вообичаен побавен ритам. За тоа време и трговците ги сумираат резултатите од остварениот промет, кој во овој дел од годината е далеку поголем над сите преостанати месеци.

– По две години нешто помал промет од страна на печалбарите поради пандемијата со коронавирусот, летово нивниот број беше далеку поголем и речиси најголем во последните десетина години. Тоа придонесе и прометот во нашите дуќани да биде зголемен, но се уште  е под нивото од пред деценија-две, кога беше најголем поради состојбите на економски план во светот, а нашата заработка над сите очекувања. Останува впечатокот како печалбарите помалку да пазареа од она што сме се навикнале. И покрај овој факт, ние мораме да бидеме задоволни бидејќи благодарение на нивната дарежливост и добриот промет месецов, ќе се се подобрат состојбите во целост – истакна Шоип Ризмани, еден од најстарите трговци и златари во кичевската чаршија.

И останатите трговци се задоволни од остварениот промет, но констатираат дека печалбарите повеќе биле расположени за прошетки низ градот отколку за пазарење.

– Нашите очекувања од доаѓањето на печалбарите во голема мера се исполнети. Имавме задоволителен промет, најдобар годинава, но под рамништето од изминатите неколку години кога во земјава печалбарите доаѓаа на годишен одмор. Сепак светската криза се почувствува и во земјите каде што тие работат и тоа секако се рефлектира и врз нешто помалиот промет – рече еден трговец со текстил на главната улица во градот.

Свадбарската еуфорија стивна, ги нема колоните автомобили да дефилираат низ градот, како и огнометите кои речиси беа неизбежни при најголемиот дел свадбени веселби.

– Во градот е забележливо дека од печалбарите сѐ уште се тука оние кои работат во Италија и Словенија, бидејќи тие ги користат годишните годишните одмори нешто подоцна споредено со Швајцарија, Германија и Австрија, но нивната потрошувачка отсекогаш била поскромна бидејќи и нивните примања во овие земји се пониски – нагласи Беќир К. постар жител на градот. З.А.