Фото: Зоран Антоски

Откако пред една деценија Слаѓан Јаковлески од Кичево го презеде отворениот пливачки базен во Македонски Брод, работите драстично се променија на подобро, бидејќи редовното одржување и тековните инвестиции придонесоа градскиот базен во Македонски Брод да го претвори ова мало гратче на реката Треска во летен центар. Така и летово крај базенот во Македонски Брод можат да се забележат автомобили со прилепски, кичевски па дури и гостиварски регистерски ознаки, што значи дека капачите, пред се младите од овие градови, крај бродскиот базен се разладуваат на овие високи температури.

– Со самото преземање на градскиот базен во Македонски Брод наша цел беше да го претвориме ова гратче во регионален центар за водени задоволства. Најпрво, извршивме реновирање на двата базени, големиот за возрасни и малиот за деца, со што спречивме истекување на водата од базените, а од друга страна драстично ја подобривме хигиената на самата вода и во опкружувањето. Токму овие предности придонесоа се повеќе бродскиот базен да се афирмира и надвор од границите на самото место. Почнаа да доаѓаат гости од Прилеп, Кичево, а не е мал бројот на капачи и од Гостивар – вели Слаѓан Јаковлески менаџер и сопственик на бродскиот базен.

Јаковлевски ги посочи бројните активности што се преземаат за квалитетното работење на базенот.

– Наша цел беше и остана базенот во Македонски Брод секогаш да биде во добра кондиција а најмногу водиме сметка за исправноста на водата и исклучување на било какви последици по капачите по користење на овој базен. Исто така, наша цел не беше цените да ги подигнеме над стандардот на корисниците, туку и понатаму останавме доследни на ниските цени за користење на базенот, која за еднодневна употреба изнесува само 100 денари. Покрај капењето во базенот при летните забави на ова место, вклучивме и доста гости, музика, диџеи и се она што ќе ги исполни барањата на посетителите. И понатаму ќе продолжиме да инвестираме и да внесуваме новини во работењето на базенот – додаде Јаковлески. З.А.