Oџачарот најбараниот човек есенва во Кичево

115
Фото: Зоран Антоски

Во овој период од годината, најбараниот човек во Кичево е оџачарот Алија, кој во месеците септември, октомври, ноември и декември има полни раце работа, бидејќи во полн ек е чистењето на оџаците.

Секојдневно во попладневните часови Алија може да се сретне на улица со торба во која го носи целокупниот алат, од сајла, четка, тег и остнатите помагала. Не носи црна капа и црно одело, што е традиционална оџачарска облека и граѓаните не го допираат за среќа, што претставува многу стара градска традиција.

– Од втората половина на месец август до средината на месец декември работа има на претек и чинам дека во овој период сум најбараниот човек во градот. Граѓаните претежно ме бараат уште истиот ден кога ќе наидат на проблеми со оџаците и инсистираат уште дента да ја завршам работата, но преголемите обврски кои ги имам не ми дозволуваат на сите истиот ден да им помогнам. Да бидам искрен и јас би сакал што побргу на сите да им ја завршам работата и сите да бидат задоволни и да имаат топли домови. Впрочем и мене ми одговара да ја завршам работата во деновите кога нема дожд или снег, поради помалата лизгавост на покривите и поголема безбедност при работата – вели Алија, кичевскиот оџачар кој по смртта на стариот Ариф, остана единствениот оџачар во градот кој се грижи за почисти оџаци и потопли домови на граѓаните на Кичево.

Но ова не е случај само со Кичево, туку во сите градови во земјава оџачарите се најбараните личности а тоа ќе потрае сѐ додека е студено и сѐ додека луѓето ги затоплуваат домовите. Граѓаните се прашуваат и стравуваат кој после Алија ќе се грижи за нивните оџаци, бидејќи не постои интерес кај младите за овој занает.

– За жал, интересот за овој занает речиси и не постои и прашање е кој ќе ги наследи старите оџачари, кога тие повеќе не ќе можат да ја извршуваат оваа, на некој начин и опасна работа поради искачувањето на високи, стрмни и честопати влажни и лизгави  покриви – велат загрижените граѓани на Кичево.