„Дигитализација“, беше темата на конференцијата која денес се одржа во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, а на која обраќање имаше претседателот Стево Пендаровски, кој посочи дека е важна дигитализацијата како предуслов за економски развој, за транспарентни и одговорни институции и за квалитетни услуги што ќе ги задоволат потребите на граѓаните.

На конференцијата организирана од Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, во рамки на активностите поврзани со француското претседателство со Советот на Европската Унија, поздравно обраќање имаа градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, амбасадорот на Франција во земјава Сирил Бомгартнер, и Беноа Лутрел, член на Советот за регулација на аудиовизуелна и дигитална комуникација, поранешен директор за односи со јавност во Гугл и поранешен генерален директор на АРЦЕП.

Меѓу излагачите беа и Филип Стојановски, директор за партнерства и развој на ресурси од НВО Метаморфозис, Елена Стојановска, консултант од областа на заштитата и безбедноста на личните податоци и Бојан Кордалов, комуниколог Институт за добро управување и евроатлантски перспективи.

На конференцијата беа разменети мислења со студенти од Економскиот факултет – Прилеп и од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ од Скопје, франкофони средношколци од гимназијата „Мирче Ацев“ – Прилеп, гимназијата „Кирил и Методиј“ – Неготино, средното економско училиште „Васил Антевски Дрен“ – Скопје, како и претставници од Коалиција на младински организации СЕГА и од Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан – РИКО. За време на посетата на Прилеп, претседателот Пендаровски и амбасадорот Бомгартнер остварија средба со градоначалникот Борче Јовчески. Ка.М.