По повод 79-годишнината од депортацијата на битолските Евреи во логорот на смртта Треблинка, пред споменикот на жртвите од холокаустот, кој се наоѓа во дворот на Здравствениот дом, кој од неодамна го носи името на Евреинот Хаим Абраванел, првиот интернист во Битола, се одржа комеморација.
Од денешниот настан градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, упати апел да не дозволиме трагедиите од минатото да се повторуваат во денешницата.
– Се сеќаваме на еден трагичен настан од историјата на Битола од 1943 година кога 7.144 Евреи од цела Македонија, а меѓу нив и 3.351 битолски Евреин беа депортирани и завршија во логорот на смртта Треблинка. Сеќавањето на овој ден значи одавање почит кон загинатите наши сограѓани, но и наша опомена во денешнината- да не дозволиме трагедиите да се повторуваат, да се губат човечки животи и да се изгуби создаденото. Со меѓусебна соработка и разбирање да се насочиме кон негување на вредностите и создавање услови за напредок – рече Коњановски.
Пред споменикот на жртвите од холокаустот, цвеќе положи и Шели Леви Друмар, внука на Евреинот Хаим Абраванел
– Мило ми е да бидам повторно во Битола по периодот со ковид кога немавме никакви настани и се враќаме сега во нормален живот. Се надевам дека ова е само почеток на комеморациите што ќе следуваат, а се подготвуваме за идната година кога ќе биде 80 години од депортацијата на Евреите во Битола и цела Македоинија ќе направиме голем настан – рече Шели Друмар.
На денешниот комеморативен собир присуствуваше и израелската амбасадорка Симона Франкел, на која денеска ѝ беше прва посета на Битола.
Таа изјави дека е ова многу емотивен настан за неа, кој Евреите никогаш нема да го заборават.
М.М.