Фото: З.А.

Улицата„ Борис Кидрич“ во Кичево, која во средината на јуни минатата година почна да се гради, уште не е завршена. Како што стојат работите крајот на работите не е на повидок, бидејќи нема работници ниту машини.

-Повеќе од седум месеци ни создаваат големи проблеми дупките и прашината што се подига при движење на возилата. Кога е дождливо време во дупките се собира вода, а кога е суша движењето на автомобилите создава толку прашина што е речиси невозможно да се движите или престојувате во блиската околина – велат жителите.

Оваа состојба им ја загрозува и нормалната живеачка.

-Не можеме ниту прозорец да отвориме поради правта што се крева. Чевлите после само една прошетка се целосно извалкани, а и дишењето е отежнато од големите количества на прашина – посочуваат локаните жители.

Фото: З.А.

Незадоволни се и трговците кои тука имаат дуќани. Еден од нив потсети дека цела година поради проблемите со улицата неговиот дуќан е затворен, а редовно плаќа ќирија за просторот, што не го користи.

-Пробав во еден период да го обновам работењето на дуќанот, но од огромните количества на прашина што се креваат од улицата, одлучив повторно да го затворам. Така ќе биде се додека оваа улица не се заврши и не се обезбедат нормални услови за работа – рече тој.

З.А.