Фото: Зоран Антоски

Градинките во Кичево од денес работат со полн капацитет, откако и во текот на штрајкот на вработените, работеа најнормално, со намален капацитет, при што ниту едно дете не беше вратено, како што рече Садик Ахмети, директорот на најголема детска градинка во Кичево, „Олга Мицеска“.

– Од денес детските градинки во Кичево работат со полн капацитет, сите вработени се на своите работни места и околу 95 проценти од децата запишани во градинките денес беа во нашите установи, а во наредните денови очекуваме сите дечиња да се вратат во градинките, како што тоа беше пред петнаесетина дена, поточно, пред генералниот штрајк на вработените во овие установи – вели Ахмети, кој потенцира дека дел од децата денес не се во градинка поради празниците или годишните одмори на нивните родители, кои моментно се надвор од Кичево или надвор од земјава.

Тој упати апел до родителите на децата запишани во градинките да ги вратат во нивните установи.

– Уште еднаш апелирам до нашите сограѓани, сите дечиња кои се примени во градинката можат слободно да се вратат и ќе бидат третирани како и пред одржувањето на штрајкот. Овие установи важат и за хумани средини, каде што и во потешки околности на дечињата и нивните родители сме им излегувале во пресрет – додаде Ахмети. З.А.