Во првите 100 дена од мандатот продолжи реализацијата на тековните проекти, отпочнаа неколку нови и се донесоа одлуки и потпишаа договори за нови зафати од повеќе области. Ова меѓу другото го посочи градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски во отчетот за работата во стоте денови.

– Успеавме да продолжиме со засилено темпо и да овозможиме долгорочно решавање на проблеми и реализација на проекти. Тековните проекти течат непречено, а во почетна фаза се неколку проекти, особено од областа на образованието и патната
инфраструктура. Паралелно продолжуваме и со работа на унапредување на
транспарентноста и отвореноста на општина Крушево – изјави Христоски.

Во првите 100 дена од новиот мандат крушевскиот градоначалник го потпишал договорот за имплементација на проект од областа на туризмот во рамки на Програмата за прекугранична соработка со Албанија. Проектот вклучува изградба на паркинг на
полетувалиштето на Мечкин Камен, поставување две мерни станици, ЛЕД остветлување
на градот, изградба на „даунхил“ патека и унапредување на туристичката промоција на
Крушево. Проектот вреди околу 740 000 евра, а дел од истиот се четири партнери од Македонија и Албанија.

На крајот од минатата година бил комплетиран проектот за реновирање и надградба на подрачното училиште ООУ „Никола Карев“ во село Борино. Од областа на образованието започната е реконструкцијата на кровот и фискултурната сала во ООУ „Никола Карев“, во почетна фаза се проектите за реновирање и надградба на училиштата во Пресил и Бучин, а се изработуваат проекти за реконструкција на подрачните училишта во Алданци и Св. Митрани, вели Христоски.

Продолжиле и тековните проекти – изградба на резервоар за вода во Пресил, реконструкција на дел од улица Питу Гули со изградба на паркинг, водоснабдување на
Јакреново, односно втора фаза преку изградба на резервоар за вода, набавка на нова
опрема за ТППЕ Крушево, а претходно се реконструирале просториите во кои е сместена единицата.

Во првите 100 дена од страна на централната власт биле донесени неколку важни
одлуки чија реализација ќе придонесе за подобри услуги за граѓаните и повеќе можности за практикување здрав живот.

– Донесовме Одлука за набавка на камион за отпад, Одлука за набавка на теренско возило за ЈП „Комуна“ Крушево, Одлука за изградба на фитнес зона во Крушево, а на
почетокот од мандатот отпочна и постапка за реконструкција на патот од село Врбоец, преку Св. Митрани, па се до општина Кривогаштани – додава Христоски.

Општина Крушево заедно со Домот на култура „Наум Наумовски Борче“, а на иницијатива на семејството на Васил Иљоски започнаа со опремување и оспособување на спомен соба за познатиот драматург, писател, есеист со потекло од Крушево.
Христоски потенцира и дека продолжува со изработка на проекти и изнаоѓање на нови можности за финансирање, додавајќи дека граѓаните имаат очекување за поквалитетен живот. Ка.М.