Претставници од Институтот „Конфучиј“, при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, денес ја посетија општина Битола каде што имаа средба со градоначалникот, Тони Коњановски. На средбата беа презентирани активностите на институтот кои се однесуваат на перманентно изведување на настава за изучување на кинескиот јазик на почетно, средно и напредно ниво, како и курсеви по традиционални кинески вештини – калиграфија, уметничко обликување хартија и слично. А беа разгледувани и можностите за вклучување на овие активности како избор за учениците од битолските училишта.

Курсевите кои ги овозможува Институтот „Конфучиј“ се бесплатни и се наменети за ученици од основно и средно образование, за студенти и останати заинтересирани од сите возрасти, од индустријата и јавниот сектор. Претставниците на институтот информираа дека во рамките на нивните активности се реализираат и повеќе културни настани, кои имаат за цел интензивирање на комуникацијата, културната и научната соработка помеѓу граѓаните на НР Кина и Македонија.

Градоначалникот Коњановски, истакна дека општина Битола е отворена за соработка со институтот, а во втората половина на месец август во координација со директорите на училиштата, ќе бидат разгледани можностите и заинтересираноста на учениците за следење на курсеви по кинески јазик и традиционални кинески вештини.

Воспоставувањето на ваквата соработка, отвора и нови можности за поддршка на учениците и студентите преку стипендирање, студиска размена и други видови соработка. М.М.