Фото: З.А.

Денес се навршуваат 119 години од една од најкрвавите и најславни битки од Илинденското востание што се одиграла во кичевскиот регион, битката на Ѓурѓејца. Пред 119 години кај месноста Ѓурѓејца на ледината помеѓу селата Карбуница и Кладник крвавата битка е една од ретките победи на востаниците од времето на Илинден. Како потестување на оваа славна битка, денес голем број на почитувачи на Илинденската епопеја го посетија споменикот на локалитетот Ѓурѓејца и каде положија свежо цвеќе.

-Секогаш на овој ден треба да се присетуваме на жртвите што паднале во битката на Ѓурѓејца, каде што уште еднаш востаниците ја потврдиле желбата за опстанок и вечен непокор. Овој датум и ова место се од голема важност за Македонија и треба да се одбележува на најдостоинствен начин каков што заслужува а на ова место да се изгради монументален споменик како потестување на едно минато време во нашата бурна историја – вели Аце Кочоски, редовен посетител на Ѓурѓејца.

Историчарот Душан Ристоски од Кичево во своите написи потсетува на 30-те загинати комити кои животот го положиле за ослободување на Македонија.

-Ѓурѓејца е една од најсветлите страници од времето на Илинден и прва добиена битка против поробувачот. Битката кај Ѓурѓејца востаниците скапо ја платиле со над 30 загинати комити и голем број тешко ранети. Токму затоа овој локалитет и овој датум заслужуваат почесно место во македонската историја, како потсетник за идните генерации за големото херојство на нивните претци од времето на Илинден – нагласи Ристоски.

З.А.