Берово

Внатрешно ќе се уредува третата ламела на Домот за стари лица во Берово. Планираните зафати ќе се реализираат со средства од Швајцарската агенција за развој и соработка и од Министерството за локална самоуправа, а преку Центарот за развој на источнопланскиот регион.
– Општина Берово учествуваше на регионални форуми во заедницата, кои ги спроведува Центарот за развој на источнопланскиот регион. Форумскиот процес е прекинат, поради состојбата со ковид-19, направен е исклучок во процесот, а заради продолжување со проектните активности, на регионалните форуми, донесена е одлука, да не се одржат преостанатите сесии, односно да се прифатат дефинираните пет предлог-идеи, од предложените проекти на првата и втората форумска сесија.

Комисијата одговорна за евалуација на проектите, составена од двајца члена од швајцарската амбасада, два члена од Министерството за локална самоуправа и еден член од кабинетот на заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, одлучи средствата во износ од 6.873.571 денар, од кои 3.505.143 се од Швајцарската агенција за развој и соработка, а преостанатите 3.368.427 од Министерството за локална самоуправа, да ѝ ги додели на Општина Берово, за внатрешно уредување на третата ламела од Домот за стари лица. Во целокупниот финанскиски круг, Општината ќе учествува со буџетски средства, во износ од 426.908 денари – појаснуваат од Општина Берово.

Во меѓувреме, општинската јавна установа за стари лица, заврши со активностите за реконструкција на третата ламела и истата таа е целосно подготвена, со комплетна проектна документација да ги користи одобрените средства. Надлежните сметаат дека со внатрешното уредување на третата ламела, ОЈУСЗСЛ ,,Д-р Иван Влашки“ во Берово ќе обезбеди 10 нови легла за корисниците и ќе прерасне во уште посериозна општинска установа, а новите корисници ќе донесат и нови вработувања во установата, со што Општината и источниот регион ќе имаат голема социјална, но и економска корист.