ГЕВГЕЛИЈА

На основното училиште „Климент Охридски“ во Миравци му се одобрени финансиски средства од Министерството за образование и наука (МОН) за реконструкција на покривот од источното крило на училишната зграда. Имено, училиштето се најде на ранг-листата меѓу 36-те училишта од државата што доставија апликации на проекти до 15 април, за реновирање училишни објекти на општинските основни училишта, на јавниот повик од МОН.
Директорката на училиштето „Климент Охридски“, Васка Ефтимова, истакна дека со овој проект значително ќе бидат подобрени условите за престој на учениците, бидејќи уште од самата изградба на училишната зграда, покривот при обилните дождови прокиснува, а самата влага предизвикува материјална штета во училниците на горниот кат. Исто така, директорката најави дека е изработен проект и за реконструкција на покривот на подрачното училиште „Ристо Динев“ во населеното место Милетково, за што ќе биде распишана тендерска постапка за избор на изведувач. Проектот ќе се реализира со финансиски средства од буџетот на училиштето.
Во училиштето „Климент Охридски“ во Миравци, на вториот кат во тек се опремување на санитарните јазли со нови плочки и изведбени работи за санирање на одводната инсталација.