Како што се ближат локалните избори така се интензивираат инфраструктурните активности на локалната самоуправа. Во моментот на неколку локации во градот се изведуваат голем број градежни и инфраструктурни активности. Паралелно со многубројните градежни инфраструктурни активности, од локалната самоуправа најавуваат дека во наредниот период ќе се реконструираат уште 10 нови улици.
Деновиве Општина Битола ја заврши постапката за јавна набавка за реконструкција на повеќе улици, при што се склучени договори со изведувачите за реконструкција на улиците Ѓорги Ѓоргиев Џоџа, Пробиштип, Цане Василев, Кленовец, Херцеговина и Ѓорги Бекаров.
Од Општина Битола велат дека е избран изведувач и за реконструкција на пешачката патека на Тумбе Кафе. Во тек се постапки за јавни набавки и за реконструкција на улиците 2 Август, Македонска фаланга и Солунска.
Во меѓувреме продолжуваат градежните активности во Општина Битола за реконструкција на девет улици. На дел од нив се врши промена на инфраструктурата, по што ќе следува асфалтирањето, а дел од улиците, кои имаат добра водоводна и канализациска мрежа, ќе добијат нов коловоз.