ПРИЛЕП

Основното училиште „Кире Гаврилоски-Јане“ од Прилеп годинава одбележува 60 години од своето постоење. Затоа менаџментот на училиштето реализира инфраструктурни зафати со кои значително се подобруваат условите за изведување на воспитно-образовниот процес, за што се вложени средства во висина од околу 9.500.000 денари. Извршена е целосна промена на сите стари, со нови ПВЦ-врати, реконструкција на 11 училници на приземјето со спуштање на таваните заради подобрување на енергетската ефикасност на училишната зграда, променета е електрична инсталација и поставени се нови лед-светилки, реконструирани се санитарните јазли.
– Во училиштето е извршена реконструкција на 11 училници на првиот кат со поставување топлотен под, поставен е ламинат во 11 наставнички кабинети, набавена е машина за темелно чистење на подовите и направен е тоалет за лица со попреченост, опремен со соодветна опрема и санитарии. По долго време, набавивме поголемо количество училишен инвентар – 120 големи клупи и 240 столчиња, 12 мали клупи и 50 столчиња за првачињата, 12 наставнички катедри и 30 канцелариски столчиња, во вкупна вредност од 853.000 денари. Минатата година беа реконструирани ходниците на приземјето и на првиот кат, зафат што вклучуваше спуштање на таваните и целосна промена на електричното осветлување, за што беа потрошени 1.710.000 денари – вели Кети Стевананџија, директорка на ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“.

Инвестирано е и во набавка на нагледни средства и техничко помагала – 10 бели и две интерактивни табли, ЛЦД-проектори, нагледни средства по предметите Физика и Хемија, збогатен е и библиотечниот фонд со набавка на 300 лектирни изданија и пет енциклопедии.
За подобрување на наставата од далечина по Математика и Физика, набавени се шест графички табли, а изградена е рампа за лицата со попреченост. Она што е од приоритетна важност за училиштето и на што се става главен акцент во тековната 2021 година, е изградбата на спортска сала, за што е потпишан трипартитен договор меѓу ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“, Општина Прилеп и Министерството за образование и наука.

Исто така, годинава ќе се направи промена на оградата околу училиштето, има проект за енергетска ефикасност и промена на фасадата на училиштето со кој ќе се аплицира на повикот од МОН, а планирана е и набавка на 25 компјутери, за секоја училница по еден, со што ќе се анулираат и најмалите проблеми при изведувањето на наставата.
Кога е во прашање изведувањето на наставата во услови на пандемија на ковид-19, вкупно 240 ученици од прво до трето одделение посетуваат настава со физичко присуство. Сите други ученици од четврто до деветто одделение, во согласност со препораките на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, наставата ја следат од далечина.